Музалас: ЕУ мора да има план Б ако Турција го раскине договорот за бегалците

Грчкиот министер за миграција, Јанис Музалас, апелира Европската Унија да смисли план Б во случај да дојде до ново ескалирање на бегалската криза. Во интервју за германскиот весник „Билд“, Музалас посочува дека постои голема загриженост кај грчката влада за потенцијално раскинување на договорот меѓу Турција и ЕУ со кој од март се контролира бегалскиот бран кон грчките острови.

Музалас истакнува дека ЕУ треба да има план како да се справи со потенцијален нов бегалски бран ако Турција ја оствари заканата и престане да го почитува мартовскиот договор, како одговор на тоа што ЕУ не одобрува безвизен режим за турските граѓани. Заканата дојде пред неколку дена од турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, и создаде дополнителна загриженост во Грција, во која има речиси 60.000 бегалци. Грчкиот министер потсетува и дека е неопходно и другите членки на ЕУ да преземат дел од бегалците, а не да го остават целиот товар на Грција.

Грчките власти стравуваат дека поради ситуацијата во Турција, може да дојде до нов зголемен бегалски бран. Според официјалните бројки, до утринава на грчките острови пристигнале нови 119 бегалци. На островите има речиси 10.000 бегалци, а мнозинството од камповите веќе немаат капацитет да ги сместат сите.

За потсетување, сите бегалци што пристигнале во Грција по 20 март, според договорот меѓу ЕУ и Турција, ќе бидат вратени во Турција, процедура која се одвива многу бавно бидејќи сите бегалци поднесуваат барања за азил.

Во меѓувреме, во бегалските кампови во Грција продолжуваат протестите и бунтовите на бегалците кои реагираат против лошите услови за живот. Од утрово протест имаат бегалците од кампот Неа Кавала во Кукуш. Протестот почна во 6.30 часот со група од 50 бегалци, главно жени и деца, кои формираа мала блокада во близина на супермаркет кај бегалскиот центар, реагирајќи против условите во кои живеат. На блокот малку подоцна му се приклучија уште 200 бегалци, кои се упатија кон центарот на градот и продолжуваат со мирен протест таму.

Минатата недела протести имаше кај бегалскиот центар во старата фабрика „Софтекс“ во Солун, откако во кампот почина млада девојка поради недостиг од соодветна медицинска помош во моментот кога имала епилептичен напад. Бегалците протестираа и одржаа и марш во Солун, гневни на лошите услови во кампот и на немањето соодветна медицинска грижа во нив.