Мотивот на Томас Метју Крукс за атентатот врз Доналд Трамп останува непознат

Таткото на атентаторот изјави за Си-ен-ен дека се обидува да сфати „што по ѓаволите се случува“, но нема да зборува за својот син додека не разговара со органите на правдата

Фото: Принтскрин видео

Атентатот врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп којшто не беше успешен, им го привлекло вниманието на американските органи на прогонот уште на собирот во саботата, кога присутните на настанот забележале дека една личност доста чудно се однесувалат, пишува агенцијата Асошиејтед прес. Иако веднаш по обидот за убиство, атентаторот е ликвидиран, сепак не може да се најде траг како 20-годишниот маж успеал да се качи на покривот без никој да го забележи.

По пукањето во кое загина еден од присутните на настанот, инспекторите бараа какви било индиции за тоа што можеби го натерало Томас Метју Крукс, од Бетел парк, Пенсилванија, да го изврши шокантниот напад. Од ФБИ соопштија дека случајот го истражуваат како потенцијален чин на домашен тероризам.

„Ги повикувам сите – сите, ве молам, немојте да правите претпоставки за неговите мотиви или неговите врски. Оставете ги ФБИ да си ја завршат работата, а нивните партнерски агенции исто така да си ја завршат работата. Дадов инструкции оваа истрага да биде темелна и брза“, изјави претседателот Џо Бајден следниот ден.

Трамп на социјалните мрежи рече дека горниот дел од десното уво му бил пробиен при пукањето, но советниците изјавија дека е во добра состојба. Двајца гледачи се тешко повредени, додека поранешниот шеф на противпожарната служба од областа, Кори Комператоре настрадал при обидот за атентат.

Роднините на Крукс не одговорија на бројните пораки коишто ги добиваа од медиумите. Неговиот татко, Метју Крукс, изјави за Си-ен-ен доцна во саботата дека се обидува да сфати „што по ѓаволите се случува“, но нема да зборува за својот син додека не разговара со органите на правдата. Претставник на ФБИ им изјави на новинарите дека семејството на Крукс соработува со истражителите.

Неколку учесници на релито им пријавиле на локалните офицери дека Крукс дејствувал сомнително и дека се движел во близина на магнетометрите, според службеник за спроведување на законот кој зборувал под услов да остане анонимен бидејќи тие не биле овластени да разговараат за истрагата. Потоа на полицајците им било кажано дека Крукс се качува по скала. Полицајците го барале, но не можеле да го најдат пред да стигне до покривот, додаде службеникот.

Шерифот на округот Батлер, Мајкл Слуп, изјави за медиумите дека локален полицаец се качил на покривот и наишол на Крукс, кој се свртел кон него непосредно пред полицаецот да се тргне на безбедна локација. Слуп изјави дека полицаецот не можел да го користи сопствениот пиштол под овие околности. Службеникот се повлекол по скалата, а Крукс брзо пукал кон Трамп и токму тогаш го застрелале снајперистите на Тајната служба.

Претставници на ФБИ во неделата изјавија дека целосно го истражуваат историјатот на Крукс и неговите активности на социјалните мрежи додека работат на пристап до неговиот телефон. Апликацијата за разговор Discord, платформа за социјални медиуми популарна кај луѓе кои играат онлајн игри, е една од апликациите користена во последните месеци за промоција на насилство и убиства.

Записите покажуваат дека Крукс бил регистриран како републикански гласач во Пенсилванија, но федералните извештаи за финансирање на кампањата исто така покажуваат дека тој дал 15 долари на комисија за прогресивна политичка акција на 20 јануари 2021 година, денот кога Бајден положи заклетва на функцијата.

Крукс имал голема желба да биде дел од стрелашкиот тим во неговото улилиште, но бил одбиен затоа што бил лош стрелец, рече Фредерик Мах, сегашен капитен на тимот.