Предметот Историја и општество интегрира материја од областа на историјата, граѓанското образование и географијата. Овој предмет, согласно новата концепција се воведува од четврто одделение и се изучува до деветто одделение (наместо од шесто до деветто одделение како што беше досега).
Oва е ставот на Министерството за образование и наука, по реакциите на Здружението на историчари, од каде што вчера се изјаснија дека категорично се против интегрирањето на предметите по историја, граѓанско образование и географија во еден предмет.
„Ова значи дека историјата ќе се изучува повеќе од порано. Со новите наставни програми, се прави обид таа да стане попривлечна за изучување на учениците, да се развие еден поинаков наратив, кој нема да нуди само „помнење на датуми“, туку учениците ќе ја учат историјата преку историските извори, преку културното наследство, преку секојдневниот живот и различните улоги на луѓето во минатото. Во истиот предмет се изучуваат и теми од географија и од граѓанско образование, за да се добие поцелосна слика за настаните што се изучуваат, како и тие да можат да се поврзат со реален контекст за учениците“, појаснуваат во МОН.
Оттаму објаснуваат дека промените не предвидуваат укинување содржини.
„Историја, географија, биологија, хемија, физика и натаму ќе бидат дел од науките што ќе бидат соодветно застапени во наставниот план за основно образование, а ќе ги предаваат наставниците што и досега ги предаваа овие предмети“, појаснуваат во МОН.
По историчарите, и географите реагираат на соединувањето предмети. Оттаму веќе и писмено реагирале во МОН, Бирото за развој на образованието како и кај претстедателот Стево Пендаровски, барајќи да остане да се изучува географијата како посебен предмет.
Новата Концепција за основно образование која беше усвоена пред две години преку јавна дебата, наметна воведување многу новини во образовниот систем кои етапно се воведуваат. Целта на промените е да се поттикне креативна и интересна настава која ќе стимулира учење со разбирање, наместо фактографско меморирање податоци.
Во неколку наврати од МОН, но и од Бирото потенцираа дека ниту еден наставник нема да остане без работа или без часови, заради воведувањето на новите наставни програми.