МОН: Училиштата да најдат начин да ги надоместат изгубените часови

Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Додека еден дел од матурантите ја бојкотираат наставата, Министерството за образование и наука посочува дека постапката за органзиирање на матурата тече, додека 14.000 ученици пријавиле матура. Министерката Мила Царовска, која денеска во Штип пред бизнис секторот го презентираше проектот „Учи паметно, работи стручно“, беше прашана дали ќе има продолжување на училишната година, поради големиот број на загубени часови.

Секое училиште си има начин да си ги надомести изгубените часови. Како и секогаш, кога немаат можност да спроведат часови, ќе се реорганизираат и ќе си ги спроведат“, одговори Царовска, која остана на веќе повторените ставови во однос на барањата на матураните.

Во однос на информациите што се појавија во јавноста и се проширија преку социјалните мрежи за наводното воведување на сексуално воспитување во второ одделние, Царовска го повтори објаснувањето во вчерашното соопштение. Според министерката, се работи за лажни вести.

Многу интересно што дебатите ги водат луѓе кои шират лажни вести. Ако се сеќавате истите тие кажуваа дека во Источниот регион ќе се населат 120.000 мигранти. Се сеќавате како пропадна таа лажна вест. Па следната лажна вест дека се укинуваат предметите историја, македонски јазик. Истите тие луѓе денеска зборуваат дека ќе имаме сексуално воспитување од второ одделение, користејќи слики од сосема други земји, кои пред многу години направиле такво воведување, но во нашата земја тоа не е вистина. Граѓаните да не подлегнуваат на такви лажни вести. Јасно демантиравме дека тие слики не се од нашата земја“, изјави министерката за образование.
МОН ги почна консултациите со бизнис секторот со цел негово поголемо вклучување во создавање на насоки во средните струлни училишта, кои ќе продуцираат кадри потребни на реалниот сектор. Денешната средба на претставници на МОН и Стопанската комора на Македонија беше со бизнис секторот и општините од источниот регион.
Меѓу дефицитарните кадри на пазарот на труд во овој регион се работници за тесктилниот и рударскиот сектор, но и месари, касапи, елетрохеничари, машински техничари. СКМ е на став дека компаниите мора да сфатат дека мора да обезбедат надоместок за ученичкиот труд додека се на пракса – минимални стимулативни средства, кои ќе ги поттикнат да изберат струки, примамливи за учениците.