ММФ: Вештачката интелигенција ќе погоди 40 отсто од работните места и ќе ја влоши нееднаквоста

Во одредени случаи, вештачката интелигенција ќе ги извршува клучните задачи што моментално ги извршуваат луѓето. Ова може да ја намали побарувачката на работна сила, да влијае на платите, па дури и да искорени работни места

Photo by Annie Spratt on Unsplash

Вештачката интелигенција (ВИ) ќе влијае на речиси 40 отсто од сите работни места, покажува нова анализа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Управниот директор на ММФ, Кристалина Георгиева, вели дека во повеќето сценарија, вештачката интелигенција најверојатно ќе ја влоши севкупната нееднаквост, пренесува Би-би-си.

Георгиева додава дека креаторите на политики треба да се осврнат на „вознемирувачкиот тренд“ за да спречат „технологијата дополнително да ги поттикне социјалните тензии“.

Според ММФ, вештачката интелигенција најверојатно ќе влијае на поголем дел од работните места, околу 60 отсто, во напредните економии. Во половина од овие случаи, работниците може да очекуваат да имаат корист од интеграцијата на ВИ, која може да ја зголеми нивната продуктивност.

Во други случаи, пак, вештачката интелигенција ќе ги извршува клучните задачи што моментално ги извршуваат луѓето, што може да ја намали побарувачката на работна сила, да влијае на платите, па дури и да искорени работни места.

Во меѓувреме, ММФ предвидува дека технологијата ќе влијае на само 26 отсто од работните места во земјите со ниски приходи. Според Георгиева, многу од овие земји немаат инфраструктура или квалификувана работна сила за да ги искористат придобивките од ВИ, што го зголемува ризикот со текот на времето технологијата да ја влоши нееднаквоста меѓу нациите.

Исто така, анализата вели дека работниците со повисоки примања и помладите работници може да забележат непропорционално зголемување на нивните плати по прифаќањето на ВИ во нивната работа, додека работниците со пониски примања и постарите може да заостанат.

„Клучно е земјите да воспостават сеопфатни мрежи за социјална заштита и да понудат програми за преквалификација на ранливите работници“, вели Георгиева.

Анализата на ММФ доаѓа додека глобалните деловни и политички лидери се собираат на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија. Вештачката интелигенција е една од главните теми на дискусија, по порастот на платформите и апликациите како ChatGPT.