Мисовски: ВМРО-ДПМНЕ намерно не сака да се формира анкетна комисија

Седницата на собраниската комисија за прашања за изборите и за именувањата, на која требаше да се изберат членови на анкетната комисија, беше одложена затоа што ВМРО-ДПМНЕ и ДПА не дале предлози.

Пратеникот од СДСМ, Горан Мисовски, рече дека од ВМРО-ДПМНЕ намерно не предлагаат членови затоа што сакаат максимално да се одложи формирањето на ова тело.

Анкетната комисија ќе има вкупно 16 членови, од кои осум ќе бидат од ВМРО-ДПМНЕ, четворица од СДСМ, двајца од ДУИ, еден од ДПА и еден независен пратеник.

Кандидат за претседател е пратеникот и портпарол на СДСМ, Петре Шилегов, а негов заменик ќе биде Мисовски. Членови предложени од СДСМ се Ванчо Ковачевски и Томислав Тунтев.

За анкетната комисија, пратениците дискутираа и на денешната пленарна седница. Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, рече дека најдоцна до 14 часот ВМРО-ДПМНЕ и ДПА треба да предложат членови. Тој вети дека веднаш откако ќе добие предлог-одлука, ќе закаже нова седница на која ќе се изгласа составот на комисијата.