Министерство за култура: Во времето на ВМРО-ДПМНЕ трипати се зголемил бројот на вработени

Пред доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, во Министерството за култура биле вработени 51 лице, а во моментов се вработени дури 159 административни службеници, соопштија од Министерството за култура.

Притоа, оттаму ги отфрлуваат обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека новиот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, избркал тројца од вработените во министерството.

„Не се работи за административни службеници во редовен работен однос туку за лица што биле ангажирани со договор на дело како надворешни соработници. Тројцата службеници на кои им биле прекинати договорите биле ангажирани во одделенија во кои веќе има доволен број редовно вработени административни службеници“, соопштуваат од министерството.