Министерот Филипче најави тест за корона кој ќе покажува резултати за 40 минути

Фото: Арбнора Мехмети

На Клиниката за пулмологија и алергологија ќе се воведе тест, кој за 40 минути ќе покаже дали одреден пациент има коронавирус или некој друг вирус, изјави вчера министерот за здравство, Венко Филипче на новинарско прашање.

„Тие тестови и досега ги имаше, со тоа што во палетата го немаше овој Sars-Cov-2. Таков апарат ќе биде инсталиран во амбулантата на Клиниката за пулмологија, како и на Клиниката за инфективни болести. За 40 минути ќе може да се детектира дали е пациентот позитивен на овој вирус или на некој од палетата останати вируси коишто вообичаено се јавуваат во есенските месеци“, појасни министерот.

Тој вчера заедно со директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија, д-р Дејан Докиќ, го пуштија во употреба новиот модуларен амбулантско-поликлинички оддел, лоциран во непосредна близина на зградата на интерните клиники.