fbpx

Мицкоски испрати двојна порака за „црните листи“

Не е прв пат Мицкоски или ВМРО-ДПМНЕ да има, додуша секогаш имплицитно, двоен став околу „црните листи“

-

Мицкоски во интервјуто за Клик плус на ТВ 21 (15.01) испрати двосмислена порака кон јавноста околу „црните листи“ на САД и на Велика Британија. Тој на два-три пати изјави „остајте ги црните листи, не ни помагаат црни листи, црната листа на САД е нешто друго,“ итн. Од друга страна, го повика јавниот обвинител веднаш да ги побара доказите и да отвори предистрага ако во (американските) докази има нешто страшно, пишува Вистиномер во текстот кој го пренесуваме во целост.

 

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервјуто за Клик плус на ТВ 21  дава недвосмислени одговори дека борбата против криминалот и корупцијата ќе биде приоритет на владата што ќе ја состави ако победи ВМРО-ДПМНЕ, но од друга страна, остави имплицитен впечаток дека е против нивно инкорпорирање во домашното законодавство.

На прашање на новинарот, за законот за „црните листи“ кој беше вратен на доработка и дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи законот (после 38 минута од интервјуто), Мицкоски вели:

Мојот став е јасен дека нема компромис со криминалот и корупцијата. Но, истовремено треба да се знае дека секој закон што се носи во македонскиот парламент треба да биде во согласност со македонскиот устав. Ние не можеме паралелни системи да воведуваме што се резултат на нечии желби…вели Мицкоски и потсетува дека во јавноста се водела сериозна дебата меѓу експерти во која учествувале и сериозни професори, кои искажале „жестоки критики кон законот“. За да заклучи, „закон да, но кој што ќе биде уставен и да одговори на сите оние вистински потреби кои што значат борба со криминалот и корупцијата“.

До тука, се чини дека ставот на Мицкоски е позитивен и е сосема во ред – дека е за закон во кој што ќе бидат инкорпорирани и „црните листи“ од странски држави како алатка за борба со корупцијата и криминалот.

На прашањето на новинарот а што станува со оние личности што се ставени и ќе бидат ставени на црните листи на САД, ги има десетина, тајните служби имаат сознанија за нив, а кај нас се без епилог“, Мицкоски одговара:

Колку што успеав да разберам од американскиот амбасадор е дека тие располагаат со соодветни докази и дека досега никој од истражните органи, ниту обвинителството не пристапил да ги побара тие докази. И јас ги охрабрувам, еве новиот обвинител го охрабрувам да пристапи и да ги прибави тие докази и врз основа на тие докази да почне предистрага, истрага за да ставиме крај еднаш засекогаш на сите овие тврдења – овој бил на црната листа затоа што бил корумпиран, тој ќе биде на црната листа на САД затоа што бил корумпиран, итн.…

Криминалот мора да има име и презиме и мора да има јасни докази и правосилна пресуда и затоа го охрабрувам новиот јавен обвинител првиот ден да седне и да ги прибави тие докази и да почне предистрага да видиме дали е тоа нешто кое е навистина страшно, а ако е страшно треба да се процесуира.

Со овој одговор Мицкоски става веќе извесна резерва на сознанијата од странците и бара таа резерва да биде расчистена од домашните институции, т.е. од јавниот обвинител кој треба да ги прибави тие докази и да отвори предистрага.

Не ни помагаат црни листи без професионално обвинителство

Па продолжува, „Но, јас би ја оставил црната листа на САД, на Обединетото Кралство…Ние сме сведоци на дневен криминал во државата. Оставете ја „црната листа“. „Црната листа“ на САД е нешто сосема друго (!?). Ние како општество живееме во бара наречена криминал и корупција, политички криминал и политичка корупција. Не треба нас Стејт департментот или Департмент за правда и Департмент за финансии на САД да ни кажува овој е на црна листа затоа што е корумпиран, тој не е. Ние на дневна основа сме сведоци за основани сомневања за сторен криминал…така што јас ги охрабрувам…

..За мене е понижувачки за нас како држава некој однадвор да ни ги решава проблемите. Ние треба самите да си ги решиме. Е сега, ние нема да ги решиме, не црни листи, свети црни листи нека има, ако јавниот обвинител што треба да гони организиран криминал има препорака затоа што е пријател со возачот на лидерот на една политичка партија или е сосед на братот на лидерот на една политичка партија, итн“.

„Така, какви сакате вие имајте црни листи, тие нема да ви го решат проблемот. Затоа што процесот, колку што јас сум информиран, тој процес трае 3, 4, 5 години за да САД некое лице стават на условно кажаната црна листа, а во тие 3, 4, 5 години тоа лице/лица може да направат фантастичен криминал, кој ќе остане неказнет и криминал кој практично ќе ја доведе државата во оваа состојба во која што е..“

Наведувајќи дека справувањето со криминалот ќе биде главен приоритет на новата Влада, Мицкоски заклучува:

Не треба никаква црна листа, треба само три бази на податоци да се споредат – Управата за јавни приходи, Катастар и Централниот регистер“, заклучува Мицкоски, при што појаснува дека тој многу повеќе се залага за такви проверки и тоа почнувајќи од него и од другите политичари и граѓани, што наведува на заклучок дека партијата го поддржува носењето на закон за потекло на имотот.

Груевски, Камчев, Анѓушев, Заев…

Не е прв пат Мицкоски или ВМРО-ДПМНЕ да има, додуша секогаш имплицитно, двоен став околу „црните листи“. СДСМ  во 2022 г. го прозиваше Мицкоски да се изјасни за одлуката на САД да ги стават на „црната листа“ екс премиерот Никола Груевски и екс шефот на УБК Сашо Мијалков.

Кога на 29 јуни 2023 г. САД објави дека на „црната листа“е ставен и струшкиот градоначалник од ДУИ Рамиз Мерко, ВМРО-ДПМНЕ секојдневно излегуваше со ставови дека СДСМ и Димитар Ковачевски молчат, а на Мерко не му фали влакно од глава, што било доказ кој владеел во државата.

Но, кога малку подоцна, во јули на „црната листа“ се најде и Орце Камчев, ВМРО-ДПМНЕ имаше различен однос, а дел од медиуми блиски до СДСМ тврдеа дека има неовластена снимка на Јутјуб, која покажувала дека Мицкоски лобирал да го заштити Камчев од „црната листа“. За волја на вистината, не може да се каже од снимката дали е тоа така, ниту, пак, со сигурност да се тврди за автентичноста на гласовите.

Исто така, кога на почетокот на декември на американската „црна листа„ се најде и екс-вицепремиерот во владата на СДСМ, Кочо Анѓушев, а нешто подоцна и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, од ВМРО-ДПМНЕ беа доста тивки извесен период, додека дел од медиумите тврдеа дека тоа било испраќање пораки и до Мицкоски и до Зоран Заев. Единствено, поради упорноста на новинарот, Мицкоски во средината на декември во интервју за 360 Степени емитувано на МРТ, мораше на долго да одговори и да даде став за професорот Анѓушев, но и таму побара докази да види, имплицитно оставајќи резерва за „црната листа“. Додуша, ни Д. Ковачевски не беше нешто многу зборлест, кога во одбрана на Анѓушев се јави со своја изјава Зоран Заев.

Затоа пак, ВМРО ДПМНЕ беше многу гласна кога во истиот месец на американската „црна листа“ се најде и Заев, но само попатно споменат во образложението за тоа зошто на листата е ставен црногорскиот бизнисмен Дака.

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Утре бесплатен влез во музеите и на локалитетите по повод Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети

Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, 18 Април, утре ќе биде одбележан со бесплатен влез во сите национални установи од областа на заштитата на културното наследство, кои ќе...