МЕСА на своите канали ќе емитува едукативни емисии за е-спортот

Фото: Florian Olivo, Unsplash

Македонската е-спорт асоцијација (МЕСА) започна со снимање и емитување на емисии насочени кон младите, нивните погледи кон електронските наспроти традиционалните спортови, психолошкиот развој и дали играњето игри претставува вид на завист, залудно потрошено време или потенцијална професија и заработка.

„За гости/соговорници сме во преговори и очекуваме како професионални лица во својата професија како првата наша емисија, така и помлади лица, е-спортисти кои до сега имале големи достигнувања во Македонија“ велат од МЕСА во изјава за Мета.мк, од каде што додаваат дека не ја исклучуваат можноста за гости од Балканот и пошироко.

Како што посочуваат од МЕСА, плановите се од март годинава, секоја седмица во петок да се емитуваат видеата на нивните YouTube, Facebook и Instagram канали, како и на страницата на Europe House Skopjе.

Првата дискусија снимена во Europe House Skopje, а подржана од Европската делегација во Скопје е на тема „Електронските спортови како фактор во психолошкиот развој на младите“, а говорат лиценцираниот психолог и гешталт терапевт Тиана Ивановска и магистерот по комуникологија, Александар Младеновски.