Мензата и интернетот – нерешени проблеми во тетовскиот студентски дом, Шаќири вели дека набрзо ќе се решат

Во посета на студентскиот дом денеска беше министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, кого Порталб.мк го праша кога ќе биде пуштена во употреба мензата и кога домот ќе има интернет во сите негови простории

Фото: Порталб

И покрај тоа што објектот беше пуштен во употреба пред околу четири месеци, во студентскиот дом во Тетово сè уште не е пуштена во употреба мензата, а проблем останува и интернетот бидејќи го нема во сите простории на домот. Веќе подолго време, студентите за Порталб.мк се жалат за овој проблем, а денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири истакна дека овие две прашања се очекува да се решат во рок од неколку денови, без да прецизира конкретен датум.

Еден од студентите станар во домот ни рече дека се информирани оти причината што мензата не е пуштена е затоа што има проблем со аспираторите во подрумот и дека се бара сериозна компанија за да го реши овој проблем и мензата да може да се пушти во функција.

„За делот на интернетот нема никакво поместување. Во моментов имаме интернет зона во две простории од околу 10 метри квадратни на приземјето позади местото на обезбедувањето, каде што поставија и телевизори кои можеме да ги користиме. Бевме известени дека овие ќе се поправат од 1 јануари 2024 година. Што се однесува до останатите услугите, задоволни сме“, изјави еден од студентите.

Овие два проблеми ги потврди уште една студентка која престојува во домот.

„Не, не е пуштен, само долниот дел кај читалната има интернет. Рекоа дека од следниот семестар ќе ја пуштат мензата, сега чекаме, се надеваме дека ќе почнат за Рамазан“, рече студентката која додаде дека ѝ било кажано оти од наредниот семестар, кој почнува во месец март, овие две прашања ќе се решат.

Во посета на студентскиот дом денеска беше министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, кого Порталб.мк го праша кога ќе биде пуштена во употреба мензата и кога домот ќе има интернет во сите негови простории.

„Проблемите со мензата и интернетот се од технички причини, тоа е прашање на денови и процедури во рамките на надлежностите што ги има директорот и наскоро ќе ги има и ќе ги користите. Операторот е избран согласно постоечките законски процедури и студентите нема да имаат ограничувања на интернетот, исто како што нема да имаат ограничувања за користењето на ресурсите што ќе ги има бифето“, рече Шаќири.

Потсетуваме дека за овие два проблема, на крајот на ноември 2023 година директорот на студентскиот дом рече дека наскоро ќе има решение, но без да наведе конкретен датум. Во меѓувреме, во јануари 2024 година, управниот одбор на студентскиот дом молчеше за овие предизвици.

Инаку, студентскиот дом во Тетово беше пуштен во употреба на 1 ноември 2023 година по многу доцнења во работите и ветувања кои одат наназад уште од 2016 година.