Манипулација со забраната на списанието „Компакт“ во Германија

Објава на Фејсбук шири манипулација на Кремљ дека причина за забраната бил прорускиот став на списанието, а повод – неговото интервју со портпаролот на руското МНР, Марија Захарова, од 13.7.2024 година

Фото: Принтскрин видео

Објава на Фејсбук шири манипулација на Кремљ дека причина за забраната бил прорускиот став на списанието, а повод – неговото интервју со портпаролот на руското МНР, Марија Захарова, од 13.7.2024 г. Но, иако списанието имало симпатии кон Кремљ, тоа не му била главна тема, а според германското МВР, тоа било забрането заради десничарски екстремизам, говор на омраза, антисемитизам, расизам, ксенофобија и повици за уривање на демократскиот поредок, за што било под сомнеж уште од 2020 година, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално:

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук започнува со зборовите:

Политичкиот магазин Компакт, кој објави интервју со Марија Захарова, беше затворен во Германија.

Тука се пренесува вест, која е во основа точна, а тоа е дека на 16.7.2024 г., во Германија било забрането списанието „Компакт“. Објавата наведува и дека тоа имало проруски симпатии, што е исто така точно, но тоа не било негова главна тема и тоа не е причината за забраната, како што може да се помисли од објавата.

Таа создава впечаток дека причината за забраната бил прорускиот став на списанието, а повод – неговото интервју со портпаролот на руското МНР, Марија Захарова, објавено на 13.7.2024 г., во кое, наводно, таа изнела нешто што германските власти не сакале да дојде до германските граѓани.

Но германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер вели нешто сосема друго – списанието било забрането заради: десничарски екстремизам, говор на омраза, антисемитизам, расизам, ксенофобија и повици за уривање на демократскиот уставен поредок.

Тезата дека забраната се должи на интервјуто со Захарова е пласирана од руската новинска агенција ТАСС, но таа тоа не го поткрепува со уверливи докази. ТАСС се повикува на некаков извор, кого не го открива, чиј аргумент е дека списанието било забрането набргу по интервјуто со Захарова, па тука „има очигледна врска“. Со тоа завршуваат „аргументите“ на тој фантомски „извор“, што е крајно несериозно.

Во реалноста, списанието се нашло „под лупа“ на германските власти далеку пред интервјуто со Захарова и сеопфатната руска инвазија врз Украина, која драстично ги влоши германско-руските односи (тие беа лоши и заради руската инвазија врз Крим во 2014 г., но сепак не дотолку како сега). Согласно методите на оценување применувани од германските власти, уште во март 2020 г. тие го оцениле списанието како сомнително, а во декември 2021 г. како докажано екстремистичко.

ТАСС пренесува и изјава на новинар на „Компакт“, кој тврди дека германските медиуми „не можат“ да направат интервју со Захарова и дека она во „Компакт“ е прво по 2022 г. Но кој е тој новинар и колку е кредибилен – не е јасно, а не е јасно ни што значи тоа „не можат“ – дали Захарова ги одбива или ним тоа им го забрануваат германските власти.

Во реалноста, на Запад не е забрането да се прават интервјуа со руски политичари, а пример за тоа е интервјуто со Путин на Такер Карлсон, но има и други. Ова уште повеќе ја урива тезата дека „Компакт“ биле забранети заради интервјуто со Захарова.

Објавата што ја рецензираме се повикува на изјави на разни лица, меѓу кои е извесната Елена Колбасникова. Таа е проруски настроена државјанка на Украина, но до неодамна живеела во Германија. Заедно со својот партнер Макс Шлунд, кој порано се викал Ростислав Тесљук и кој бил руски офицер, таа била путински агент за влијание во Германија и како таква е некредибилен извор.

Колбасникова била судена во Германија за кршење на санкциите кон Русија со собирање на донации за руската армија, а организирала и митинзи за нејзина поддршка, заради што била судена и за оправдување на воени злосторства.

Земајќи го предвид сето досега наведено, оценуваме дека објавата има недоречености или премолчувања на важни факти, односно дека таа страда од недостаток на контекст.

hubmk