Малите претпријатија недоволно ги користат финансиите што им се на располагање

Пристапот до финансии што е многу битен за развојот на бизнисите и  за отворањето нови работни места, сè уште е клучен проблем за малите и  за средните претпријатија не само во Македонија, туку и на европско ниво, смета Мартин Клауке од Делегацијата на ЕУ во Македонија.

– Можностите што досега беа понудени од Европската комисија за финансиска поддршка на малите и на средните претпријатија, не се искористија доволно – истакна Клауке на работилницата „Пристап до финансии“.

Европските програми не се даваат како директни фондови во земјите-кориснички, туку се канализираат преку локалните и регионалните финансиски институции или преку посредници како што се банките.

Слабата искористеност на европските пари работодавците ја гледаат во немањето доволно стандарди и технологија, а уште многу треба да се вложува и во инфраструктурата.

Вицепремиерот Владимир Пешевски изјави дека Владата ги препознала можностите што им се нудат на македонските компании преку трите клучни програми „Хоризонт 2020“, „КОСМЕ“ и „Еразмус“, проектирани на вкупно 82,5 милијарди евра до 2020 година, и затоа ги завршила сите неопходни административно-финансиски обврски за македонските компании да имаат пристап до средствата што се нудат.