Македонските таеквондисти Филип и Анамарија со медали се вратија од Президент купот во Истанбул

Фото: Фејсбук страница на Македонската Таеквондо Федерација

По освоениот сребрен медал на Летните олимписки игри во Токио од Дејан Георгиевски, македонското таеквондо продолжува да ниже успеси на меѓународната спортска сцена. Таеквондистот Филип Додевски освои сребрен медал во категоријата – 87 килограми на Президент купот во Истанбул. На овој важен спортски настан таеквондистката Анамарија Георгиевска се стекна со бронзен медал во категоријата – 67 килограми.

Од Македонската Таеквондо Федерација информираат дека големиот успех и освоените медали се добиени на турнир којшто се бодува за освојување олимписка норма на следните Летни олимписки игри што ќе се одржат во Париз во 2024 година. Филип и Анамарија успеаја да освојат бодови за да се квалификуваат на следната Олимпијада.

„Одлични борби имаа Филип Стаменов и Марко Аврамовски, Дејан Георгиевски не настапи на овој турнир заради поситни повреди“, информираат од Македонската Таеквондо Федерација.

Филип Додевски го освои сребрениот медал по трите победи над Ахмет Кескин од Турција, Таха Бицер од Турција (актуелен европски шампион до 21 година) и Рафаел Камалов од Русија (втор на светската ранг листа во оваа категорија). Во финалето, Додевски доживеа пораз од Роберто Бота од Италија (актуелен бронзен медал од Европско првенство).

Анамарија Георгиевска го освои бронзениот медал по победата на Аисе Кирачаоглу од Турција и Андреа Мокаму од Романија, додека во полуфиналето беше поразена од Атанасија Митсополу од Грција.