Македонските медиуми информираа за фигурината слична на ,,Голема мајка” пронајдена на Тумба Маџари

Во објавата се дезинфорира дека Македонците (се мисли на македонските медиуми н.з) не пишувале за фигурината од видот „Голема Мајка“ пронајден на археолошкиот локалитет Тумба Маџари во Скопје

Фото: Принтскрин

Во објавата се дезинформира дека Македонците (се мисли на македонските медиуми н.з) не пишувале за фигурината од видот „Голема Мајка“ пронајден на археолошкиот локалитет Тумба Маџари во Скопје. Меѓутоа, за настанот детално информираа десетици медиуми и тоа со фотографии и детали за фигурината, објави Вистиномер.

Текстот го пренесуваме интегрално:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Сите знаат и пишуваат за ова освен Македонците! Алал вера.

Во склоп на објавата се споделува линк од хрватскиот јавен сервис ХРТ, со наслов:

Археолозите во Скопје пронајдоа фигурина на големата божица мајка, стара 8 илјади години.

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, македонските медиуми детално известија за настанот и нивните извештаи се достапни на македонски јазик во десетици медиуми. Станува збор за извештаи од телевизиипечатени и електронски медиуми, кои речиси без исклучок го пренесоа настанот од пронаоѓањето на фигурината со што тој беше сеопфатно медиумски покриен.

Станува збор за фигурината слична на „Голема Мајка“ која беше откриена на неолитскиот локалитет Тумба Маџари во Скопје. Повеќе извештаи од медиумското пренесување на настанот може да погледнете овде.

Македонскиот јавен радиодифузен сервис (МРТ) на сличен начин, како и хрватскиот што е споменат во објавата што ја рецензираме, има известување за фигурината.

МРТ извести дека „Тумба Маџари“ ќе биде предложен за заштита од УНЕСКО.

Овој локалитет, како што најави министерот за култура и туризам Зоран Љутков, наскоро ќе биде прогласен за културно наследство и како дел од урбано Скопје повидливо ќе се стави и во функција на културниот туризам.

Новооткриената фигурина, заедно со уште една амфора, се значајни предмети кои ја збогатуваат ризницата на раритетни откритија на тлото на државата и даваат посебна ексклузивност на македонската археологија, историја и култура. Веќе е изготвен Елаборат за валоризација на локалитетот и Министерството за култура и туризам ќе даде силна поддршка во заштитата на културното наследство како наш врвен приоритет, рече министерот Љутков.

Исто така, настанот на посетата на министерот на локалитетот Тумба Маџари, беше пренесуван во живо на Медиумската информативна агенција (МИА) и преносот може да го погледнете на следниот линк.

Настанот со промоцијата на фигурината и на амфората беше проследен и со фотографии кои македонската јавност имаше можност да ги види.

Поради сите горенаведени факти тврдењето дека сите знаат и пишуваат за откритието на фигурината стара 8 илјади години освен Македонците, го оценуваме како невистинито.