Македонија на листата на земји за кои важи олеснителен визен режим за влез во Катар

Новата авиолинија помеѓу Доха и Скопје на авиокомпанијата „Катар ервејс“ е уште еден значаен момент за развој на воздушниот сообраќај во Македонија, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на денешната прес-конференција по повод воспоставувањето на првата авиолинија со Катар.

Сугарески рече дека на овој начин се отвораат бројни можности за значајно унапредување на соработката во економијата, туризмот, културата, инвестициите, како и во други области кои се од заеднички интерес на двете држави.

– Она што сакам да го нагласам е дека оваа линија е од огромно значење и за македонските граѓани кои живеат во Катар. Моментално повеќе од 1.000 државјани на Република Македонија кои живеат и работат во Катар се етаблирани во тамошното општество и претставуваат исклучителен потенцијал за градење на меѓусебните врски. Исто така, во авиокомпанијата „Катар ервејс“ работат повеќе од 100 млади лица кои се дел од професионалниот кадар на оваа компанија – изјави Сугарески.

Тој додаде дека Македонија е ставена на листата земји за кои важи олеснителен визен режим за влез во Катар.

– Имено граѓаните на Македонија, виза ќе можат да добијат при пристигнување на аеродромот во Доха со што сметаме дека е огромна придобивка за сите што ќе патуваат во оваа земја – додаде Сугарески.

Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој, изјави дека за Македонија е од големо значење што престижна авиокомпанија како „Катар ервјес“ влегува на пазарот. Тоа, според него, е голем поттик и за другите компании, а е добро и за развојот на туризмот и на бизнисот помеѓу двете држави.

„Катар ервејс“ ќе лета четирипати во неделата, а преку Доха ќе се овозможи и поврзување со бројни дестинации низ целиот свет.