Македонија и Бугарија ќе користат 17 милиони евра од фондовите на ЕУ

Преку новата ИПА-програма за прекугранична соработка за справување со заеднички предизвици, Македонија и Бугарија имаат на располагање 17 милиони евра од фондовите на ЕУ.

Средствата од програмата се наменети за мерки за справување со влијанието на климатските промени, како и за прашања што се однесуваат на заштита на природата и на биодиверзитетот, одржливо користење на природните ресурси, заштита на животната средина и менаџирање со ризици на прекугранично ниво.

Kлучниот фокус на програмата е ставен и на заштита на локалитети означени како природно и културно наследство во регионот. Финансирањето ќе помогне и за зајакнување на конкурентноста на малите и на средните претпријатија и ќе го олесни нивниот пристап до нови пазари.

За периодот 2014-2020, ИПА-инструментот има буџет од околу 4,84 милијарди евра, кои ќе бидат инвестирани во 12 програми за прекугранична соработка меѓу региони, како и територијални, општествени и економски партнери.