Завршната сметка на буџетот на Р.Македонија е само уште еден доказ за лошото, недомаќинско планирање и реализирање на фискалните и за лошите економски политики на власта во 2015 година, обвини пратеникот Хари Локвенец, на денешната прес-конференција во Собранието.

Тој рече дека и со овој буџет, како и со сите претходни од 2008 година, Владата ги задолжила граѓаните и стопанството за нови 320 милиони евра само врз основа на дефицити на буџетите.

– Од 2008 година до денес, Владата создала нов долг од неверојатни 1.870.000.000 евра, доведувајќи го јавниот долг во 2015 година на историски највисоко ниво во изминативе 25 години од 46,5 отсто од домашниот бруто-производ (БДП). Ваквото живеење на кредит и во 2015 година се должи на неспособноста на оваа влада дури и во годината кога порастот на БДП е повисок од планираниот, (планиран 3,5 отсто, а остварен 3,7 отсто) да не може да ги реализира планираните приходи. Така, кај вкупните приходи Владата има потфрлување за цели 93 милиони евра, при што најголемо потфрлање има кај данокот на додадена вредност од 46 милиони евра. Данокот на додадена вредност е данок на потрошувачка и кога има вакво потфрлање од 46 милиони евра, тоа е јасен сигнал и индикатор дека и граѓаните и стопанството помалку трошеле затоа што имале помалку пари – рече Локвенец.

Пратеникот на опозицијата додаде дека потфрлање во реализацијата на буџетот за 2015 година има и кај расходите, односно кај тековните расходи има потфрлување за 45 милиони евра.

– Најзагрижувачко е потфрлањето кај капиталните расходи за цели 58 милиони евра. Потфрлување има кај инвестициите клучни за граѓаните и за развојот. Се бележи потфрлање кај инвестициите во железничка инфраструктура од девет милиони евра, кај водоснабдувањето и кај одведувањето на отпадни води за 5,7 милиони евра, кај изградбата на нов клинички центар во Штип од 2,7 милиони евра и кај инвестициите во изградба на основни училишта за 880.000 евра. Особено лошо е потфрлањето во ставката финансиска поддршка на земјоделството и на руралниот развој од 14,7 милиони евра и тоа во година кога земјоделците се соочуваа со проблемите од болеста јазлеста кожа и со ниските откупни цени – изјави Локвенец, додавајќи дека ако Владата во целост ги релизирала субвенциите за земјоделците, дел од нивните проблеми немаше во толкава мера да ескалирааат и да ги доведат до работ на преживување.

Тој рече дека СДСМ не ја поддржува завршната сметка за 2015 година и дека таа е само е уште еден доказ дека „власта во заминување не сака да штеди на своето чоколадо, туку сака да штеди само на лебот на граѓаните“.