Линданот се товари во транспортни контејнери, се очекува конечно да се извезе на уништување

Фото Државен инспекторат за животна средина

Опасниот отпад линдан, изваден од малата депонија во ОХИС и спакуван во специјализирани буриња од вчера започна да се товари во контејнери за транспорт, информираат од Државниот инспекторат за животна средина. Како што додаваат оттаму, пестицидот ќе биде пренесен со товарни возила до Солунското пристаниште во Грција од каде со брод заминуваат за Франција која е крајна дестинација за безбедно уништување. Од ДИЖС очекуваат првата пратка да биде извезена од земјата во недела на 26 јуни.

Првите количини линдан од малата депонија во ОХИС, првично беше најавено дека ќе бидат извезени на почетокот на мај, но извозот беше одложен.

Отпадот е исчистен од малата депонија Делта HCH која се состои од пет армирано-бетонски базени. Изведувачот „Полиеко“ се очекува да исчисти околу 6.661 тони отпад, од кои 1.600 тони НСН отпад, 4.000 тони НСН контаминирана почва и 1.000 тони бетон контаминиран со HCH. Во моментот, информираат од Инспекторатот, по реализацијата на првата фаза се спакувани 477 тони НСН отпад и 126 тони контаминирана почва со НСН.

„ДИЖС врши континуиран инспекциски надзор на Планот за ремедијација и веќе се направени неколку инспекциски надзори во периодот пред и по отпочнување на работите за чистење на малата депонија“, информираат од Државниот инспекторат.

Во изминатиот период направени се испитувања на примероци од воздух земени од три локации во кругот на ОХИС и две локации од населбите кои гравитираат во непосредната околината на ОХИС.

На Институтот за хемија при ПМФ со акредитирани методи испитани се и промероци отпад со НСН и почва со НСН, додека испитувањата на примероците од отпадни води се направени на Иститутот за јавно здравје. Од инспекторатот велат дека се испитува и присуство на НСН во крвта на работниците вклучени во процесот на чистење на малата депонија.

Пред зпочнувањето со ископот, изведувачот „Полиеко“, врз основа на Планот за ремедијација, подигна шатор врз малата депонија, со обезбеден негативен притисок, како мерка за спречување на ширењето на емисиите во воздухот кои можат да настанат при ископување и пакување на отпадот и на земјата контаминирана со HCH.

Проектот „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС“ го реализира Министерството за животна средина и просторно планирање преку Канцеларијата за  перзистентни органски загадувачи-POPs, со финансиска поддршка од Глобалниот еколошки фонд (GEF).

Мониторинг и надзор на ремедијационите активности во ОХИС врши Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи (POPs) во соработка со Организацијата за индустриски равој при Обединетите нации (UNIDO) и меѓународната консултантска фирма TAУ  од Холандија.