Лимински: Германија е на ваша страна, сметајте на нашата поддршка

„Навистина не сакам да видам некој од вас, седејќи на ова исто место, за пет или десет години, да ги решавате истите прашања и да дискутирате за истите работи. Прашањата коишто не се решени од претходните генерации политичари, сега останува на нас да се занимаваме со истите прашања повторно, само 20 години подоцна“, рече Маричиќ

Фото. Мета.мк

Треба да ги отстраниме бариерите на патот кон ЕУ, бидејќи Северна Македонија треба да го заземе заслуженото место во Европската Унија, кажа министерот за федерални, европски и меѓународни прашања и медиуми и шеф на државната канцеларија на Северна Рајна-Вестфалија, Натанаел Лимински, во своето браќање пред младите на конференцијата „30 години македонско-германски дипломатски односи: Билатерална соработка и развојна поддршка со Северна Рајна – Вестфалија“, во организација на Претседателскиот центар за политичко образование.

„Сериозни сме во поддршката на земјава на патот кон ЕУ, и затоа сакаме неопходните уставни измени наскоро да бидат донесени. Знам дека ова ќе предизвика дебати во општеството, но тоа е нешто низ кое треба да поминете, и можете да сметате на нас дека сме на ваша страна во овој процес, и се надеваме дека на крајот на сето ова, државата ќе биде помалку поларизирана“, рече Лимински.

Тој истакна декацелта на неговата посета на Скопје е да го реафирмира партнерството со Северна Македонија.

„Нашето партнерство се зголемува и продлабочува во повеќе области, во бизнис секторот, граѓанското општество, образованието, особено постдипломските студии, имавме проекти за зајакнување на новинарството, ја означивме соработката меѓу полициите. Присуството овде на бизнис делегацијата покажува дека сакаме да го продлабочиме ова партнерство“, рече Лимински.

Германскиот министер рече дека очекува дека пречките на патот на земјава кон ЕУ брзо ќе се надминат и потсети дека во јули минатата година процесот на пристапување продолжи со одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, што беше оддолжувано подолго време.

Фото: Мета.мк

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ истакна дека Германија е најзначаен европски партнер на Северна Македонија и Германија и е земјата којашто најмногу нè поддржуваше на нашиот пат кон интеграција во Европската Унија.

„Ова не се само зборови, тие направија многу силни напори за да нè туркаат напред, вклучително и при решавањето на прашањето со Бугарија. Ова е само почеток, очекуваме натамошна поддршка во периодот што претстои, особено во областите како што се владеење на правото, борба против корупцијата, демократијата, граѓанското општество, но исто така и во реформата на образованието, особено стручното образование, реформа на јавната администрација, но исто така и поддршка на економските струкурурни реформи и развивање на економската соработка“, истакна Маричиќ.

Тој рече дека во моментов, се соочуваме со тежок период заради нашите соседи.

„Го надминавме долгорочното прашање со Грција, сега сме во процес на надминување на истото со Бугарија, но сметам дека треба да се фокусираме на наградата, а наградата е членството во ЕУ“, рече Маричиќ.

Маричиќ, обраќајќи се кон младите, кажа дека неговата генерација има задача да донесе тешки одлуки, за да не се случи новата генерација да се занимава со истите работи.

„Навистина не сакам да видам некој од вас, седејќи на ова исто место, за пет или десет години, да ги решавате истите прашања и да дискутирате за истите работи. Прашањата коишто не се решени од претходните генерации политичари, сега останува на нас да се занимаваме со истите прашања повторно, само 20 години подоцна“, рече Маричиќ.

Тој истакна треба прво да се работи на домашните реформи, особено во владењето на правото, ефикасно судство, ефикасна борба против корупцијата, функционирање на демократските институции и реформа на јавната администрација.

„Овие области беа идентификувани во скрининг процесот со ЕУ како успешни, но сме на половина пат. Сега сме во првата многу важна фаза, а тоа е скрининг процесот во којшто треба да ги идентификуваме сите наши предности и слабости и да проектираме за колку време ќе ги имплементираме сите европски стандарди и да станеме земја-членка на ЕУ. Ќе бидеме амбициозни, но реални, сакаме да ги исполниме овие стандарди не подоцна од 2030 година. Ова ќе биде можно ако се вклучат сите чинители во општеството – институциите, граѓанското општество, бизнис секторот и сите политички партии“, рече Маричиќ.

Покрај Натанаел Лимински и Бојан Маричиќ, на форумот говореа и Борис Георгиевски, уредник на македонската редакција на Дојче Веле, како и Александар Љ. Спасов, советник за надворешна политика, внатрешна политика и уставни прашања во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија.

Фото: Мета.мк

Учесници на конференцијата беа и алумните на првата и втората Школа за политики, како и стипендисти на програмата “Training programme for Young Professionals from North Macedonia to North-Rhein Westfalen”, во соработка со GIZ кои споделија свои искуства и проекти.

Борис Георгиевски ги запозна присутните со историјатот на Дојче Веле и потсети на околностите и времето кога била формирана македонската редакција и говореше за улогата на овој медиум во развојот на македонско-германските односи.

Александар Љ. Спасов се заблагодари на учесниците на оваа конференција и говореше за пријателството и партнерството меѓу двете држави, за билатералните односи и нивниот развој во изминатите 30 години.