Либералната партија ја претстави економската програма

Либералната партија ги објави контурите на својата економска програма, која ќе се базира на три стратегиски теми и тоа „Економијата на прво место“, „Организирана држава“ и „Образование и млади“.

Во програмата се предвидува зајакнување на капацитетот на деловната заедница и на граѓанскиот сектор, преку пренесување на дел од надлежностите на државните органи во стопанските комори, синдикатите и во професионалните здруженија.

– Фирмите се соочуваат со сериозни проблеми во нивната ликвидност, а изворот на проблемите се ненавремените плаќања на државата и на институциите кон приватниот сектор, како и сложените и бавни процедури на повратот на данокот на додадена вредност. Ние ќе поставиме модерен трезорски систем и процедури, за да може фирмите и граѓаните да ги добиваат потребните средства од државата навремено. Услугите и плаќањата нема да зависат од субјективната одлука на поединци, туку ќе ги решиме системски – истакна претседателот на комисијата за економија и за финансии при Либералната партија, Венко Глигоров.

На средбата со новинарите се истакна дека регистрацијата на фирмите треба да биде во надлежност на стопанските комори, стопанските спорови да се решаваат во арбитражните судови при стопанските комори, а дел од туристичката такса да се исплаќа на туристичките работници. За да се стимулира туризмот, ќе се воведе систем на враќање на ДДВ на странските туристи при излезот од Македонија.

Во делот на даночниот систем, Либералната партија го поддржува рамниот данок и се залага за намалување на давачките што ги плаќаат граѓаните и бизнисите.