Од денеска, во следните шест години, касарната „Боро Менков“ во Куманово е седиште на командата на Мултинационалната бригада на Југоисточна Европа – SEEBRIG (South-Eastern Europe Brigade), мировни сили формирани во 1999 година во рамките на СЕДМ-процесот на регионална соработка во одбраната.

– „Сибриг“ се врати дома, бидејќи во далечната 1998 година, токму во Скопје е одржана конференцијата и потпишан договорот со којшто е формирана оваа бригада. Оваа година ни даде две причини за славење, барем во делот на одбраната. Едната беше нашето членство во НАТО, после 30 години чекање, напор и работа, и втора е токму ова. По 22 години учество во иницијативата „Сибриг“ да бидеме ние домаќин на оваа бригада – изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска пред почетокот на свеченоста во кумановската касарна.

Договорот за формирање на бригадата, познат како договор за Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), во 1998 година Скопје го потпишаа министрите за одбрана на Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Северна Македонија, Романија и Турција.

Додека единиците декларирани за учество во бригадата остануваат во своите матични бази во своите земји, а се активираат како наменски сили за вежби и операции, локацијата на командата и нејзиниот командант ротираат меѓу земјите-членки. Досегашни домаќини на командата беа Пловдив, Констанца, Истанбул и Лариса.

Денеска во Куманово ќе се изврши и смена на командантот на бригадата. Досегашниот командант бригаден генерал Тудорика Петраче ќе му ја предаде должноста на бригадниот генерал Аристедеис Илиопулос. Позицијата Командант на СЕЕБРИГ ротира помеѓу земјите учеснички на тригодишен период. Во период од 2011 – 2013 година Командант на бригадата беше бригадниот генерал Здравко Поповски од Армијата на Република Северна Македонија.