Премиерот Димитар Ковечевски вели дека ВМРО-ДПМНЕ нема да има министри во техничката влада, доколку не ја гласа истата, бидејќи никаде во светот не постои пример каде партија учествува во влада, а да не ја поддржува.
„Кога се учествува во влада, тоа значи дека таа влада треба да се поддржи. Ако не гласа, сметам дека тие места треба да останат празни. Новиот мандатар да предложи влада во која местата кои ѝ следуваат на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат празни. Во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи владата, мандатарот може да предложи тие министри да бидат изгласани“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на денешното осветувањето на водите на Вардар.
Инаку, од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе предложат свои кадри за техничката влада, но ќе гласаат воздржано, бидејќи не се согласуваат технички примиер да биде Талат Џафери.
Во однос на средбата со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со неговиот претходник Зоран Заев, Ковачевски рече дека нема ништо спорно и дека и досега имале средби кои траеле и повеќе од четири часа.
„Прво треба да знаете дека јас и Заев се знаеме ни повеќе ни помалку туку 32 години, сме учеле факултет заедно. Сме седеле и на ручеци кои траеле и 4 часа, и подолго од четири часа. Вчера разговаравме за тоа како државата треба да напредува кон полноправно членство во ЕУ, секој од нас можеше да ги сподели искуствата и како би требало да изгледаат настапите на политичките партии на изборите. Ова не е ни прва ни последна средба“, рече Ковачевски.
Во однос на коалицирањето со ДУИ во иднина, тој рече дека партијата е веќе во коалиција со ДУИ и се прават анализи во рамки на политичката коалиција.
„Се прават анализи со нашите коалициони партнери со кои успеавме да водиме влада во исклучително тешко време, особено во последните години. На државата ѝ треба европска коалиција која ќе осигура членство во ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ повторно нема концепт кој води напред, нивните изјави се за некакви сценарија кои немаат никаква основа за политички процеси. Јас се надевам дека граѓаните тоа ќе го ценат и повторно владата ќе биде предводена од СДСМ“, изјави Ковачевски.
Наредната недела, Џафери треба да поднесе оставка од функцијата претседател на Собранието, а на негово место да биде избран координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески. Техничката влада треба да биде избрана 100 дена пред изборите, односно до 28 јануари.
Парламентарните избори ќе се одржат на 8 мај, заедно со вториот круг на претседателски избори. Првиот круг за избор на претседател на државата ќе биде на 24 април.