Конкурс за краток хорор расказ: „Моето утро“ – трета награда

Утревечер се празнува „Halloween“ или „Ноќ на вештерките“, празник кој секоја година се одбележува на 31 октомври. „Ноќта на вештерките“ првенствено се одбележува во западните земји, но во последните неколку години стана глобален тренд кој се забележува и кај нас, особено помеѓу младите.

Вечерта на „Halloween“ се раскажуваат страшни приказни, најмладите се маскираат, а домовите се декорираат со хорор мотиви.

По тој повод, Новинската агенција Мета во соработка со издавачката куќа „Култура“ втора година по ред го распиша Конкурсот за краток хорор расказ на кој можеа да учествуваат млади автори.

На годинашниот конкурс пристигнаа вкупно 21 труд, од кои наградени се три раскази.

Расказите беа оценувани од жири-комисија во која членуваа: Гордана Војнеска – уредничка во „Култура“, Горан Ризаов – главен уредник во Новинската агенција Мета и Гоше Николов – новинар-соработник во Мета.мк.

Наградените раскази беа одбрани според морничавоста на темата, оригиналноста на приказните, како и правилното користење на македонскиот литературен јазик. Сите пристигнати трудови жири-комисијата ги оцени како одлични.

Наградените автори ќе добијат ваучери за книги од страна на издавачката куќа „Култура“, кои ќе можат да ги искористат за да ја збогатат својата домашна библиотека со некои од возбудливите наслови во издаваштво на „Култура“.

Организаторите на конкурсот им се заблагодаруваат на сите автори кои земаа учество со свои раскази.

Трите наградени раскази ќе бидат објавени на „Мета.мк“ вечерва, во предвечерието на „Halloween“.

Според гласовите на комисијата, третата награда ја добива авторот под псевдоним Тиквичка за расказот „Моето утро.“

Истиот можете да го прочитате во продолжение.

Ви посакуваме магична и возбудлива „Ноќ на вештерките“.

 

Трета награда:

Моето утро

автор: Тиквичка

фото: Annie Spratt на Unsplash

Навидум уште еден обичен ден. Станувам рано наутро и како секој нормален човек го пијам моето утринско кафе во дворот.

Само што моето утро е малку поразлично.

За разлика од оние кои пијат кафе слушајќи ги птиците, јас моето кафе го пијам со малку поинакви, поинтересни звуци. Едните пискотници доаѓаат од подрумот- секојдневно место каде што татко ми ги касапи неговите жртви за подоцна да може да продаде некое органче, па да си купиме нови автомобили. Другите звуци се од кујната. Мајка ми е вредна домаќинка, преубава жена која предава на факултет и држи приватни часови по математика во нашиот дом, бидејќи подоцна оние студенти кои сакаат да учат ги праќа да се дружат со татко ми во подрумот. Имам и брат, кој  секако не е ништо поразличен од мене, нормално дете, кое наместо кафе, наутро пие по некоја капка алкохол, па подоцна заминува на училиште.

Колачињава што ги јадам се преслатки. Баба ми ги правеше. Но, некако вкусот на едно од нив му беше поразличен, бидејќи изгледа баба ми не ги измила добро рацете додека му помагала на татко ми, па во тоа колаче веројатно останале неколку капки крв кои му даваа убава црвена боја.

Како и да е, го изедов, бидејќи одеше добро со утринското кафенце и изгледаше уште подобро на мојата фотографија на Инстаграм со натпис „Добро утро“’.

Сè се одвиваше толку прекрасно утрово, што се наполнив со енергија и можев да останам тука цел ден. Но, и работата не може да чека.

Како и секој нормален човек, работам и јас. Но, прво морам да се симнам кај тато за да му помогнам со вадењето на органите, па подоцна ќе заминам во полиција да си ја вршам мојата должност како полицаец и да ги разрешам многуте случаи на убиства.

Некако сите тие убиства се слични. Жртви со извадени органи, оставени во шумата далеку од градот. Засега, за жал, немаме никакви докази кои би можеле да го откријат убиецот.

Како и да е, еве татко ми ме бара долу, а потоа право на работа. Поздрав!