Концерт на „Полихимниа“ на 19 мај во Струмица

Во квартетот настапуваат Николина Е. Тодоровска – флејта, Риана Рамиз – виолина, Маре Видевска – виолончело и Верица Шотаровска – пијано, кои се професорки во Државниот музичко балетски училишен центар „Илија Николовски – Луј“ од Скопје

Фото: Полихимниа

На 19 мај, во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, со почеток од 19 часот, концерт ќе одржи квартетот „Полихимниа“ и Ана Митоска – сопран, со наслов „Luci et umbrae“ (Светлости и сенки).

„Ова претставува метафора за дуалноста помеѓу светлината на зората и темнината на ноќта. Концертот е синтеза на дела од различни стилови и периоди, кои имаат различна тонска боја и во нив се претставени различни емоции и теми кои го опфаќаат целиот спектар на човековата душа“, наведено е во соопштението на „Полихимниа“.

Квартет „Полихимниа“ е формиран во 2017 година. Тоа е идеја која се вроди при реализација на еден интересен проект „Професорите и учениците камерно музицираат“. Во квартетот настапуваат Николина Е. Тодоровска – флејта, Риана Рамиз – виолина, Маре Видевска – виолончело и Верица Шотаровска – пијано, кои се професорки во Државниот музичко балетски училишен центар „Илија Николовски – Луј“ од Скопје.

Ана Митоска – сопран, чиј репертоар се базира врз старите стилови на пеење и почетоците на белкантото, е препознатлива и по своите ангажмани како солист во театарска и филмска музика, како и источноцрковни напеви. Својата соработка со Квартет „Полихимниа“ ја започна во 2019 година.