Концерт на Националниот џез оркестар со Васил Хаџиманов во Охрид

Неговите композиции често ги рефлектираат неговите искуства и согледувања за културната различност на Балканот и пошироко

Фото: Национален џез оркестар и Васил Хаџиманов во Охрид

На 11 август, со почеток од 22 часот, на сцената на Долни Сарај во Охрид, концерт ќе одржи Националниот џез оркестар. Концертот ќе биде под диригентската палка на Маестро Џијан Емин.

На овој спектакуларен концерт гостин ќе биде истакнатиот српски пијанист со македонско потекло, композитор, познат по својот иновативен пристап кон џез фјужн и светската музика – Васил Хаџиманов.

Васил Хаџиманов е роден на 23 јуни 1973 година во Белград и потекнува од познатото семејство на музичари. Неговиот татко е познатиот пејач, композитор и автор, Зафир Хаџиманов.

Во текот на својата кариера, Хаџиманов има соработувано со бројни меѓународни музичари и има издадено повеќе албуми кои добиваат позитивни оцени од критиката, меѓу кои „Васил Хаџиманов бенд“ (2001), „7/8 & 11“ (2008) и „Alive“ (2016).

Неговите композиции често ги рефлектираат неговите искуства и согледувања за културната различност на Балканот и пошироко. Во 2023 година го издава албумот “Keyf” чија промоција се одржа неодамна и во земјава и наиде на навистина добар прием од публиката.

На концертот во Долни Сарај ќе бидат изведени дел од најпознатите композиции на Хаџиманов, адаптирани за изведба со биг-бенд, како и композиции од неодамна промовираниот албум „Keyf.” Аранжманите на композициите се на Владимир Николов, Тони Китановски и самиот Хаџиманов.