Фото: Министерство за економија

Од денеска почнува да се реализира Ковид 3 бескаматната кредитна линија со грант компонента преку Развојната банка. Јавниот повик е отворен за поднесување кредитни барања од денес до 30 декември 2020 година заклучно со 23:59 часот.

Ова денеска на прес-конференција го истакнаа министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Развојната банка, Кире Наумов.

Како што информираше министерот Бектеши, третата бескаматна кредитна линија се реализира со финансиска поддршка од Европска Унија преку активноста ЕУзаОтпорност од ИПА-програмата во вкупен износ до 30 милиони евра и со буџетска поддршка од Министерството за економија во износ од еден милион евра.

„Кредитната линија се однесува за микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии чие работење е погодено од ковид-19, а се мери преку падот на приходите од најмалку 20 отсто. А во делот на грант-компонентата оваа кредитна линија се однесува за фирми основани од жени, како и млади лица и извозно ориентирани компании, како и компании кои работат на проекти за зелена економија, дигитализација, и слично,“ рече Бектеши.

Директорот на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов пак информираше дека од денеска, па во наредните 15 дена е отворена е-маил адресата [email protected] за електронско аплицирање, а интересот е огромен кај компаниите, што се гледа по исклучително високиот број на е-маил пораки испратени кон Развојната банка.

„Поради потребното време за да пристигнат барањата до нас, автоматските пораки за потврда за пристигната порака беа со задоцнување кон кредито-барателите. Ова пак предизвика, оние кои испратиле документи, а не добиле автоматска порака да продолжат да го препраќаат истиот мејл повеќепати. Обемот на е-маил пораки испратени кон [email protected] е најмалку осум пати над интересот покажан за Ковид 2 кредитната линија,“ рече Наумов.

Директорот на Развојната банка упати апел до кредито-корисниците кои што веќе аплицираа да направат проверка дали имаат повратна порака и доколку немаат да проверат дали ги имаат прикачено сите прилози во е-маил пораката согласно упатството објавено на веб-страната на Разввојната банка.

Како што информираа министерот Бектеши и директорот Наумов, кредитите ќе бидат без камата, со 3 години рок на отплата и вклучен грејс до 6 месеци, а ќе може да се користат за набавка на основни и обртни средства заради непречено финансирање на тековните активности и потребата од обртен капитал на субјектите.

Според условите на оваа кредитна линија Ковид 3, минимален износ на кредит за кој ќе може да се поднесе барање е 3.000 евра, а максималниот износ изнесува 5.000 евра за трговец поединец и занаетчија; и 15.000 евра за микро и мали трговски друштва, (ДОО, ДООЕЛ и слично).

Според информациите од Министерство за економија, грант-компонентата се однесува на четири категории субјекти, и тоа:

– Прва категорија субјекти се оние кои се управувани од жена, или пак имаат во сопственичката структура жена или жени со учество од најмалку 50 проценти;

– Втора категорија субјекти се оние кои се управувани од млади лица до 29 години согласно европската дефиниција за млади, или пак имаат млади во сопственичката структура од најмалку 50 проценти;

– Трета категорија субјекти се извознички компании, кај кои учеството на приходите од странство во вкупните приходи е најмалку 50 проценти;

– И четврта категорија е најширока, а се однесува на субјекти кои реализираат активности, односно проекти во областа на зелена економија, модернизација и дигитализација на деловните процеси преку набавка на опрема или воведување нов начин на продажба, како и иновација од аспект на воведување на нови производи и нови услуги.