Канада: Уапсени 10 лица што сакале да им се приклучат на џихадистите

Канадската полиција уапсила 10 млади лица, кои се обиделе да ја напуштат земјата и да им се приклучат на џихадистите во Турција и во Сирија.

Полицијата потврди дека апсењата се случиле минатиот викенд и оти истрагата продолжува.

Пасошите на уапсените се запленети, а досега не е подигнато ниту едно обвинение, објави канадската медиумска мрежа „Си-Би-Си“.

Полицијата соопшти дека истражителите се сретнале со пријателите и со членовите на семејствата на лицата кои се обиделе да ја напуштат Канада.

Адвокатот на еден од уапсените за „Радио Канада“ изјави дека неговиот клиент е „жртва“ на која ѝ се обратиле преку интернет и ѝ ветиле „подобар живот“.

Некои од уапсените се поврзани со шест лица од Квебек, кои во јануари преку Турција заминале за Сирија.