Како се вршел притисок врз наставниците

Во четири аудиоснимки на разговори што денеска беа објавени на прес-конференцијата во седиштето на опозицискиот СДСМ, според Заев, се разобличува притисокот врз администрацијата за време на избори.

Во еден од разговорите што беше објавен, се слуша како Јанакиески бара поддршка во Могила и во Новаци. Тој инсистира неговиот соговорник да „ги среди“ вработените во фирма во која раководителот бил од СДСМ.

Во следниот разговор од овој блок аудиоснимки, Јанакиески на соговорничката ѝ кажува каква порака да им напише на учителките за да гласаат во вториот круг, всушност, посредно дава упатство секоја од нив да донесе на гласање барем уште една личност што гласот ќе го даде за ВМРО-ДПМНЕ.

Соговорникот од следниот разговор, пак, на Јанкиески му кажува како луѓе што ги вработиле споделувале слики од Жерновски. Јанакиески му вели дека ќе ги проверуваат како гласале и ќе ги бркаат од работа.

На уште една снимка што ја објави Заев на денешната конференција за медиуми, се слуша како Ирена Мишева од Советот на Град Скопје тврди дека пуштиле списоци во повеќе институции.