ЈСП воведува нова линија „29“, од Жданец преку Трнодол до „Скопје Сити Мол“

Фото: Архива на „Мета.мк“

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ соопшти дека од понеделник, 25 октомври, ќе почне да функционира линија „29“ која ќе сообраќа од Жданец преку Трнодол до Карпош 3 („Скопје Сити мол“) и обратно.

„Линијата ќе профункционира на барање на жителите на Жданец и Трнодол, за да им се олесни пристапот до централниот дел на општината и градот, а истовремено и како предлог решение за организиран јавен превоз од/до посочените населени места, имајќи го во предвид проектот за новата мрежа на линии од јавниот транспорт во Градот Скопје“, велат од ЈСП.

Почетна/крајна станица на линијата „29“ во Жданец ќе биде на улицата Жданец, а во Карпош 3 на улица МАНАПО, на почетно/крајната станица на линија 7 и 59 кај „Скопје Сити мол“.

Автобусите ќе се движат по улицата „Жданец“ до влезот на Трнодол, па по ул. „Козле“, бул. „8 Септември“, бул. „Партизански одреди“ до крајната станица во Карпош 3 и обратно, по истата траса.

Автобусите ќе сообраќаат по следниот возен ред:
Од Жданец: 6 ч, 7 ч, 8 ч, 10 ч, 12 ч, 13 ч, 14 ч, 16 ч и 17 ч.
Од Карпош 3: 6.30 ч, 7.30 ч, 9 ч, 11 ч, 12.30 ч, 13.30 ч, 15 ч, 16.30 ч и 17.30 ч.