Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција доби лабораторија за дигитална форензика

Во оваа лабораторија ќе можат непречено да се отвораат и декодираат одземените електронски уреди со цел да се пронајдат електронски докази што ќе бидат корисни за понатамошниот тек на постапките и кои како валидни, законски прибавени докази ќе се користат во постапка и пред судот

фото: Јавно обвинителство на РСМ / колаж: Мета.мк

Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска и официјално беше пуштена во употреба лабораторијата за дигитална форензика.

Неопходните хардверски и софтверски компоненти за опремување во областа на дигиталната форензика во вредност од околу 500.000 американски долари се набавени со поддршка на Амбасадата на САД, соопштија од ова обвинителство.

Опремата вклучува современи форензички станици за работа во лабораториски услови, лаптоп компјутери, ултраблок китови со врајт блокери за различни видови носачи на електронски податоци што ќе бидат предмет на анализа, како и форензички софтвери што се користат за исчистување и анализа на одземена или запленета електронска опрема.

Во оваа лабораторија ќе можат непречено да се отвораат и декодираат одземените електронски уреди со цел да се пронајдат електронски докази што ќе бидат корисни за понатамошниот тек на постапките и кои како валидни, законски прибавени докази ќе се користат во постапка и пред судот.

„Воедно, за потребите на аналитичкиот центар во Обвинителството, Амбасадата на САД донираше софтверска алатка Analyst’s Notebook 10 со помош на која се овозможува големи количини на податоци да се претворат во визуелни дијаграми, како мрежи на односи, временски линии и шеми на настани и на тој начин полесно да се откријат скриени врски и модели“, соопштија од јавното обвинителство.

Основниот јавен обвинител Ислам Абази рече дека со ова се овозможува обвинителството самостојно да дојде до електронските докази што се наоѓаат на електронските медиуми, што е во интерес на постапките и намалување на времето за постапување.

На овој начин, рече тој, ќе се растовари и лабораторијата  на МВР во која досега се вршеше анализа на компјутерска опрема и мобилни телефони – предмет на кривични дела за потребите на сите обвинителства.

„Иако станува збор за најсофистицирана опрема за анализа, треба да се има предвид дека развојот на технологијата води кон појава на различни видови уреди и медиуми што утре ќе бидат предмет на анализа и тој факт ја налага неопходноста од континуиран развој на лабораторијата не само со набавка на хардверски и софтверски компоненти, туку и со обука на кадри. Воедно, софтверската алатка Analyst’s Notebook 10 ќе ни помогне во остварување на нашата основна функција како обвинителство, а тоа е гонење на организираниот криминал. Со помош на оваа алатка на обвинителите и истражителите ќе им се овозможи визуализација на прибраните податоци во форма на визуелни прикази – чартери, мапи или дијаграми, кои брзо го покажуваат начинот на кој се поврзани, што е од голема полза за идентификување на криминални организации и групи, следење на осомничени или разбирање на сложени ситуации“, истакна Абази.

За начинот на постапување на истражителите кои работат во лабораторија за дигитална форензика во Истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, основниот обвинител донел Одлука со која се уредени чекорите во постапувањето со одземените телефонски уреди и компјутерска опрема. Постапките ќе се спроведуваат согласно Законот за кривична постапка и позитивна пракса што се применува во лабораториите за дигитална форензика во светот.