Јавното обвинителство на Република Македонија формираше привремена Комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности за претстојното спроведување на локалните избори, закажани за 15 октомври 2017 година.

Комисијата ќе треба да постапува по евентуални изборни нерегуларности поврзани со постоење на кривични дела од глава 16 од Кривичниот законик – кривични дела против изборите и гласањето, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.

За претседател на Комисијата е определен Џељаљ Бајрами, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија. Членови на комисијата се обвинителите Наталија Тасевска, Димче Пажески, Анита Поп-Методиева, Вјолца Елмази и Наташа Гоџоска.

Комисијата ќе има задача да ги следи сите дневни настани од државата поврзани со процесот на организирањето и на спроведувањето на локалните избори. За тие настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за евентуални сторени изборни нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство.

– Јавното обвинителство на Република Македонија, преку Привремената комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности, ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности на електронската адреса izbori@jorm.gov.mk – изјави денеска претседателот на Комисијата, јавниот обвинител Џељаљ Бајрами.