Јаневска: Од 17.000 ученици во генерација, 12.000 се запишале во средно стручно училиште

Според министерката, дуалното образование е успешен концепт кој го променил ставот на младите за средните стручни училишта

фото: МОН

Бројот на ученици запишани во средните стручни училишта од година во година расте. Годинава, по трите уписни рока, во средните стручни училишта се запишале речиси 12 илјади ученици од генерацијата која број околу 17 илјади, информираше министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Таа денеска, заедно со амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман и Антони Пешев, извршен директор на Стопанската Комора ја посетија компанијата Каз Груп, која е дел од проектот за дуално образование.

Според Јаневска, дуалното образование е успешен концепт кој го променил ставот на младите за средните стручни училишта.

„Годинава по трите уписни рока, во средните стручни училишта се запишаа речиси 12 илјади ученици од генерацијата која брои околу 17 илјади. Тоа се две третини и се надевам дека овој тренд ќе продолжи и во иднина. Дуалното образование е застапено во 62 училишта и годинава имаме запишано 3850 ученици во прва година“, изјави Јаневска.

Министерката додаде дека овој образовен модел ќе продолжи да се имплементира и надградува, а наскоро и системски ќе биде уреден со нов Закон за стручно образование и обука.

Јаневска рече дека Министерството за образование и наука, како и досега, ќе продолжи со поддршката за учениците кои се запишани во средните стручни училишта. Информираше дека наскоро ќе биде објавен конкурсот за доделување на ученички стипендии во повеќе категории, меѓу кои и за учениците во дуалните паралелки и дефицитарните струки, кои имаат можност да добиваат по 3.500 денари за девет месеци во годината.