Извозот поголем за 11,3 проценти во вториот квартал во однос на претходниот

Во вториот квартал од годината, надворешно-трговската размена на стоки со странство достигна вредност од 2.517.000.000 евра, што претставува 28,1 отсто од домашниот бруто-производ, забележувајќи пораст од 12,5 проценти во однос на претходното тримесечје.

– Кварталното зголемување се должи на остварениот пораст и кај извозната и кај увозната компонента. Во однос на првиот квартал од годината, извозот забележа пораст од 11,3 проценти, при подобри извозни остварувања на новите индустриски капацитети во економијата и зголемениот извоз на храна, што е карактеристично сезонско движење за овој квартал од годината – се вели во извештајот на Народна банка.

Квартално зголемување има и кај увозот од 13,3 проценти, што произлегува од повисокиот инвестициски увоз на опрема и на машини, како и од увозот на суровини за двете значајни традиционални индустрии, текстилната и метало-преработувачката.

– Промените остварени кај двете компоненти на надворешно-трговската размена доведоа до проширување на негативното трговско салдо за 18,1 отсто во однос на претходното тримесечје, што во целост се должи на повисокиот неенергетски дефицит – се наведува во соопштението.

Анализата на годишна основа укажува на понатамошен пораст на надворешната трговска размена во вториот квартал од 9,2 проценти, предизвикан од порастот и на двете составни компоненти.

Извозната активност продолжи да се зголемува и во второто тримесечје од годината, забележувајќи годишна стапка на пораст од 10,3 проценти.

Основен двигател на порастот и понатаму се новите извозни капацитети, каде што е забележано зголемување на извозот во однос на истиот период од претходната година, при повисок извоз на хемиски производи, опрема и на машини.