Измислена изјава се припишува на адмирал Левин

Адмиралот не кажува дека „сечењето на пенисот е добро за менталното здравје“ и оваа изјава е измислена со цел да се предизвика исмевање и дискредитација во екот на месецот на гордост

Фото: Исечок од видеото во рецензираниот Фејсбук пост

Адмирал Левин во видеоматеријалот што се споделува во постот зборува за грижа за потврдување на полот, или на англиски јазик gender affirming care. Левин не кажува дека „сечењето на пенисот е добро за менталното здравје“ и оваа изјава е измислена со цел да се предизвика исмевање и дискредитација во екот на месецот на гордоста. Инаку, адмирал Левин е трансродово лице,  транзитирал од маж во жена во 2011 година.Таа е  помошник секретар за здравство на САД од 26 март 2021 и професор по педијатрија и психијатрија на Пен Стејт Колеџот по медицина, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

АДМИРАЛ ЛЕВИН: Сечењето на пенисот е добро за менталното здравје.
Во склоп на постот е прикажан видеоматеријал на кој адмиралот Рејчел Л. Левин води интервју со музичар и активист и вели:
Многу е важно за нашата младина како и за возрасните, како што рече, некои од овие закони се однесуваат на возрасниот период. Честопати велиме дека грижата за потврдување на полот (gender affirming care) е здравствена заштита и заштита на менталното здравје и грижа за превенција на самоубиствата.

Следствено, адмиралот не кажува дека „сечењето на пенисот е добро за менталното здравје“ и оваа изјава е измислена со цел да се предизвика исмевање и дискредитација во екот на месецот на гордоста. Адмирал Левин зборува за грижа за потврдување на полот, или на англиски јазик gender affirming care, а за ова многумина доктори имаат издадено стручни мислења. На пример, доктор Кетрин Вилијамс вели дека на патувањето на трансродовите лица кон своето вистинско „јас“, понекогаш телото се чини дека не го прави она што би требало. Многу трансродови лица тешко и со вознемирување го доживуваат тоа што нивниот изглед не соодветствува на нивниот пол. Грижата за потврдување на полот (gender affirming care), може да биде важен дел од менаџирањето на оваа состојба кај трансродовите лица.

Грижата за потврдување на полот може да е само разговор во канцеларијата со употреба на преферирани имиња, заменки и идентитет кога се зборува со пациентот, но може да биде и нехируршки медицински менаџмент, како и хируршка интервенција, пишува таа.

Има нехируршки терапии за потврдување на полот како хормонска терапија, терапија за говор, терапија за ментално здравје. Откако хормонската терапија ќе трае барем 6 до 12 месеци, пациентите може да побараат хируршка интервенција како операција на лицето, за да се креираат, на пример поженствени или помажествени црти и може да вклучува менување на формата на носот, веѓите, образите, челото, брадата, адамовото јаболко итн. Има операции за горниот дел од телото, градите, хисторектомија што претставува отстранување на матката итн.

Потврдувањето на полот може да е долг процес.  Како што може да се види од подолгото видео, каде адмиралот Левин му прави интервју на трансродов маж, активистот и пејач Рајан Касата, евидентно е дека тие не зборуваат дека „сечење на пенисот е добро за менталното здравје“, туку зборуваат за личното искуство на гостинот музичар и активист и во еден момент од интервјуто гостинот вели дека транс младите мора да добијат пристап до грижата која им е потребна, вклучително и грижа за потврдување на полот. Тој вели оти знаел дека му е потребна операција на горниот дел од телото, односно на градите, уште кога имал 14 години и критикува дека е премногу долго да се чека до 26 години, како што налагаат законите на некои земји. Исто така, тој додава дека грижата за полот е грижа која е животоспасувачка.

После операцијата ниту еднаш не се покајав, тоа ми го спаси животот. 26 години е превисока граница не можам да замислам да требаше да чекам до 26 години. За повеќето чекањето е прашање на живот, вели Касата.

Во интервјуто каде адмиралот Левин е водител, всушност, се зборува за важноста на политиките и достапноста до услуги за потврдување на полот во здравствените установи. Но, овие услуги за потврдување на полот не вклучуваат само операции, туку голем број на други процедури, а понекогаш само разговор со лекар. Од  друга страна, пак, лицата кои не можат да добијат ваква здравствена заштита имаат повисоки стапки на депресија и стапки на самоубиства, па затоа адмиралот Левин ја нарекува оваа здравствена услуга животоспасувачка и грижа за менталното здравје.

Инаку, адмирал Левин е трансродово лице,  транзитирал од маж во жена во 2011 година. Таа е  помошник секретар за здравство на САД од 26 март 2021 и професор по педијатрија и психијатрија на Пен Стејт Колеџот по медицина.

Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит, односно не е точно дека адмиралот Левин изјавил оти „сечењето на пенисот е добро за менталното здравје“.