Министерството за здравство информира дека меѓу граѓаните се шири електронска порака со невистината содржина испратена од лажна е-маил адреса која наликува на Министерство за здравство.

Насловот на пораката е лажен и гласи „Потребна е акција: Еден од вашите контакти е COVID-19 позитивен“, а во самата порака е прикачен PDF документ кој може да содржи злонамерен софтвер.

„Известен е Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи кој веќе постапува за овој случај. Официјалната е-маил адреса на ресорното Министерство е [email protected]. Упатуваме апел до граѓаните да не потпаѓаат на оваа манипулација,“ информираат од Министерство за здравство.

Оттаму додаваат дека ширењето на лажни информации, особено во овие кризни времиња, е опасно за здравјето и безбедноста на граѓаните и штетно за целото општество.