Истражувачки новинари во „Пандора Пејперс“ го разоткрија скриеното богатство на светските моќници

Принтскрин: icij.org

Со вкупно 12 милиони „откопани“ документи, Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (the International Consortium of Investigative Journalists -ICIJ), заедно со повеќе новинарски организации ја направија досега најголемата објава на документи што го прикажуваат скриеното богатство на светските моќници – политичари, светски водачи и милијардери, јави Би-Би-Си.

Скриениот имот на околу 35 сегашни и поранешни лидери, над 100 милијардери и повеќе од 300 јавни функционери е прикажан во досиејата од офшор-компании, наречени „Документите Пандора“(Pandora Papers).

Тие откриваат дека кралот на Јордан тајно насобрал 70 милиони фунти имот во Велика Британија и САД; дека поранешниот премиер на Обединетото Кралство Тони Блер и неговата сопруга заштедиле 312.000 фунти кога купиле канцеларија во Лондон, купувајќи офшор-фирма во чија сопственост била зградата; дека рускиот претседател Владимир Путин е поврзан со скриени пари во Монако; дека чешкиот премиер Андреј Бабиш – пред изборите оваа недела не пријавил офшор-инвестициска компанија со која купил две вили за 12 милиони фунти на југот на Франција.

Ова е најновото во низата протекувања во изминатите седум години.

Испитувањето на досиејата е најголемото организирано истражување од ICIJ, со учество на повеќе од 650 новинари од 117 земји. Би-би-си, Гардијан и другите медиумски партнери имале пристап до 12 милиони документи од 14 компании за финансиски услуги во земји меѓу кои Британските Девствени Острови, Панама, Белизе, Кипар, Обединетите Арапски Емирати, Сингапур и Швајцарија.

Едно од најголемите откритија е како моќни и и богати луѓе легално основале компании за тајно да купуваат имот во Велика Британија. Документите ги откриваат сопствениците на некои од 95.000 офшор-фирми што стојат зад набавките. Многу од трансакциите во документите се сосема легални.

Но, Фергус Шил од ИЦИЈ вели:

Никогаш немало ништо од вакви размери и тоа ја покажува реалноста на тоа што офшор-компаниите можат да го понудат за да им помогнат на луѓето да скријат валкани пари или да избегнат данок.

Тој додава:

Тие ги користат тие оф-шор сметки, тие офшор-трустови, за да купат стотици милиони долари имот во други земји и да ги збогатат сопствените семејства, на сметка на своите граѓани.

Документите разоткриваат и како семејствто на претседателот на Азербејџан тајно купувало имоти во Обединетото Кралство, вклучувајќи и деловна зграда вредна 33 милиони фунти на името на 11-годишниот син на азербејџанскиот претседател, Хејдар Алиев.

Адвокатската фирма основана од претседателот Никос Анастасијадес од Кипар, според наводите, пријавила лажни сопственици за да го маскира вистинскиот сопственик на серија офшор-компании – поранешен руски политичар, обвинет за проневера; претседателот на Украина Володимир Зеленски ги преселил своите акции во тајна офшор-компанија непосредно пред да победи на изборите во 2019 година… откриваат Документите Пандора, коишто се најголемото протекување по Документите Панама, Документите Парадајс.