(ИНТЕРВЈУ) Проф. Трајаноска: Интердисциплинарноста е иднината на високото образование

Во светот сè повеќе се актуелни професии како педагошки или образовен инженер, јазичен аналитичар, аналитичар на лингвистички податоци и слично. Ова се конкурентни професии за кои би сакала нашите млади да се информирани. Со развојот на информатичката технологија, потребата од вакви интедисциплинарни професии ќе биде сè поголема, вели професорката Ивана Трајаноска од Универзитетот Американ колеџ Скопје

Илустрација: Мета.мк / фото: Ивана Трајаноска (лична архива)

Интересот за филолошките науки бележи глобален пад, но хуманистичките науки остануваат суштински за разбирање на општествата и културите.

Универзитетската професорка Ивана Трајаноска во интервју за Мета.мк ја нагласува трајната вредност на изучувањето на јазикот, литературата и лингвистиката, и ја истакнува нивната улога во поттикнувањето на критичкото размислување и креативноста. Воведувањето на новата студиска програма за креативно пишување на Универзитетот Американ колеџ Скопје има за цел да го ревитализира интересот за овие области, нудејќи им на студентите иновативни и интердисциплинарни пристапи за развој на нивните вештини и можности за кариера во свет кој брзо се развива и менува.

Во интервјуто, Трајаноска зборува и за популаризацијата на генеративната вештачка интелигенција и актуализирањето на прашањата за нејзината улога во образованието и креативните професии. Според професорката, и покрај загриженоста, вештачката интелигенција претставува можност, а не закана, и може да го надополни процесот на креативно пишување, без да ја засени уникатната креативност и емоционалната длабочина што авторите ги внесуваат во нивната работа.

Ивана Трајаноска е Декан на Факултетот за странски јазици на Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС), универзитетска професорка, интердисциплинарна истражувачка, писателка и преведувачка. Претседател е на Форумот на Меѓународната асоцијација за книжевност и музика со седиште во Грац, Австрија, координатор на програмата Глобални партнери во образованието (Универзитет Источна Каролина, САД), на ЦЕЕПУС програмата за мобилност во високото образование, како и на мрежата за Транскултурна комуникација и превод (Универзитет во Марибор, Словенија) за УАКС. Докторирала и магистрирала на Универзитетот Пол Валери во Монпелје, Франција со највисоки почести.

Седумнаесет години работи во високото образование во земјата и странство.

Photo by Priscilla Du Preez 🇨🇦 on Unsplash

Според вашите согледувања, каков е интересот меѓу студентите за филолошките науки во земјава во изминативе 4-5 години – дали има забележлив пад или пак оживување? Има ли некаква промена во интересот на студентите од традиционалните филолошки студии кон некои посовремени и интердисциплинарни области?

Трајаноска: Падот на интересот за студирање филологија, или посовремено да се изразам, лингвистика, јазик, книжевност, е глобален тренд, па така и кај нас забележуваме намалување на бројот на средношколци кои одлучуваат да одберат студии во овие научни полиња. Генерално земено, интересот за хуманистичките науки е намален. Ако во деведесеттите години од минатиот век 15% од дипломираните студенти во САД биле од хуманистичките науки, во 2022 година изнесува помалку од 9%.

Но, всушност, интересот за хуманистичките науки се одликува со значителни флуктуации. На пример, по Втората светска војна, во педесеттите години од дваесеттиот век, хуманистичките науки стануваат многу актуелни, за интересот за нив повторно да опадне кон крајот на седумдесеттите и осумдесеттите, но подоцна повторно да порасне. Хуманистичките науки се суштинско научно подрачје кое опфаќа академски дисциплини кои се занимаваат со значајни аспекти на општеството и културата, како и со фундаменталните прашања кои си ги поставува човекот.

Токму затоа, интересот за хуманистичките науки е тесно поврзан со општествените случувања. Имајќи ги предвид случувања во светот, како ковид кризата, миграцијата на светско ниво, актуелните војни, климатските промени, како и развојот на вештачката интелигенција, сигурна сум дека интересот и потребата од хуманистичките науки многу скоро, во светот, ќе биде во сериозен подем. Во природата на човекот е да трага по смисла, да ги објаснува случувањата околу него и во него, да се обидува да ги разбере и да ги поврзе со минатото, сегашноста и иднината. Хуманистичките науки се занимаваат токму со овие аспекти и прашања.

Имам впечаток дека кај нас студирањето јазик или филологија се гледа најчесто низ призмата на традиционалните кариерни опции, како наставник, професор, преведувач. Тоа се исклучително значајни и неопходни професии, кои, за жал, не се во моментов многу привлечни, а една од причините се веројатно неконкурентните примања. Сепак, наша задача, на високообразовните институции во земјата, е да укажеме на важноста на овие професии, но и на многу други кариерни можности кои студирањето јазик ги нуди. Општествата континуирано се менуваат, сега многу побрзо од кога било поради технолошкиот развој. Државните стратегии за развој на високото образование, како и политиките за развој на самите високообразовни институции треба да се темелат на стратешки и долгорочни проекции и планирање, анализи и предвидувања поткрепени со соодветни истражувања за тековните и идните потреби на општеството, пазарот на труд и науката. Тоа е задача на институциите.

Младите, пак, изборот што да студираат сметам дека не треба да им биде поттикнат единствено од моменталната потреба на пазарот на труд и моменталната актуелност на некоја професија, туку во согласност со нивните таленти и желби. Професиите кои се барани денес, не значи дека ќе бидат и утре. Студирајте го она што го сакате, она што ве влече, што ве исполнува, што ве прави среќни, љубопитни, желни да откривате повеќе, тогаш сигурно ќе успеете.

 

Зошто е важно да се изучуваат филолошките науки и како овие науки остануваат суштински во современиот образовен систем и општеството?

Трајаноска: Изучувањето јазик, лингвистика, книжевност и други хуманистички науки ни овозможува да ги разбереме клучните аспекти на човековиот живот и општество. Тие ни помагаат да го разбереме минатото и сегашноста и подобро да се подготвиме за иднината, да изградиме подобра иднина. Да се студира јазик, лингвистика, книжевност, значи да се посветиме на разбирање на светот во неговиот општествен, политички и културолошки контекст. Студирањето филолошки науки ни помага да се разбереме и себе и нашата поврзаност со светот. Ни овозможуваат да ги разбереме и другите, другите култури и нивните сфаќања. Филолошките науки ни овозможуваат да ја разбереме и важноста на различностите.

Покрај ова, студирањето јазик, лингвистика и книжевност овозможува развивање на многу важни вештини, меки вештини и преносливи вештини кои може да се применат и во приватниот, и во професионалниот живот, без разлика на професијата. Тука би ги набројала креативноста, имагинацијата, комуникациските вештини, интеркултурните вештини, критичкото и аналитичкото размислување, решавањето проблеми, носењето одлуки, лидерски вештини, прилагодливост и емпатија. Исто така, студирањето јазик, лингвистика и книжевност нуди најразлични кариерни можности. Сите овие нешта ја прават филологијата научна дисциплина од суштинско значење и во образовниот систем, и во општеството.

 

Колку е важен интердисциплираниот пристап во студиите? На пример, какви придобивки гледате во комбинирањето на хуманистичките науки со други дисциплини како ИТ? Како ваквите комбинации може да го подобрат образовното искуство и да донесат подобри можности за кариера на студентите?

Трајаноска: Интердисциплинарниот пристап е многу важен и се покажува како клучен за понатамошниот развој на студиските програми. Придобивките, практично гледано, се огромни. На пример, во светот сè повеќе се актуелни професии како педагошки или образовен инженер, јазичен аналитичар, аналитичар на лингвистички податоци и слично. Ова се конкурентни професии за кои би сакала нашите млади да се информирани.

Со развојот на информатичката технологија, потребата од вакви интедисциплинарни професии ќе биде сè поголема. Педагошките инженери, на пример изработуваат платформи, онлајн курсеви за учење, од технички и педагошки аспект. Тие, всушност, создаваат, прилагодуваат и трансформираат системи на учење со цел да се зголеми ефикасноста на самиот процес. Ова е само еден пример на спој меѓу филолошките науки и ИТ. Интердисциплинарните студиски програми суштински ги унапредуваат вештините на младите, го подобруваат образовното искуство, го правата интересно, зашто можат да одговорат на нивните разновидни афинитети, и сериозно ја зголемуваат нивната вработливост на домашниот и глобалниот пазар на труд.

Професорката Ивана Трајаноска / фото: лична архива

Како ја гледате улогата на интердисциплинарните програми што се развиваат, во иднината на високото образование? Кои трендови или промени ги предвидувате како одговор на растечката сложеност на глобалните предизвици?

Трајаноска: Интердисциплинарноста е иднината на високото образование. Реалните проблеми и појави во светот не се изолирани во одредени научни полиња, туку взаемно поврзани, па така и решенијата и објаснувањата треба да се бараат во пресекот на повеќе дисциплини и области. Една од најважните улоги на високото образование е да образува луѓе способни да ги решаваат проблемите во светот на одржлив, осмислен и целисходен начин.

Затоа универзитетите во светот веќе подолго време сé повеќе вклучуваат интердсициплинарни студиски програми и интердисциплинарен пристап во наставата кои овозможуваат развивање на вештина наречена интердисциплинарно разбирање и размислување. Со оваа вештина може да се изнајдат интердисциплинарни и одржливи решенија за проблемите. Веќе се актуелни релативно нови интердисциплинарни области, како на пример екохуманистиката која се занимава со постигнување на хармонија помеѓу благосостојбата на човекот и природата и севкупниот жив свет, социјална правда, културолошки диверзитет, одржливост на различните еко-системи.

Иднината на сите научни дисциплини е во интердисциплинарноста, барем одреден период, но е од особено значење за хуманистичките науки. На хуманистичките науки често се гледа како отцепени од реалните проблеми на општествата, науки кои не даваат конкретен, опиплив производ или решение. Преку интердисциплинарен пристап во изучувањето на јазикот и книжевноста, и другите хуманистички науки, овие дилеми, или предрасуди, можат и се надминуваат. Наставните програми треба да бидат современо конципирани и да опфаќаат различни дисциплини преку разновидни задолжителни и изборни предмети. Сепак, само вклучување на предмети од други дисциплини не ја прави една студиска програма интердисциплинарна. Студентите треба да научат како да ги поврзуваат и применуваат знаењата, како да употребуваат различни научни и истражувачки методи низ дисциплините итн. Постојат соодветни методи кои треба да се применуваат во наставата за сето тоа да се постигне.

Во нашата земја постојат повеќе предизвици суштински да се постигне високо ниво на интердисциплинарност во високото образование, но за тоа во некоја друга прилика.

 

На вашиот универзитет, на Факултетот за странски јазици, е достапна нова студиска програма по Креативно пишување. Која е идејата зад воведувањето на ваква програма – прва на една високообразовна установа во земјава?

Трајаноска: Од оваа, претстојна академска година, за првпат во нашата земја, но и во регионот, почнуваме со едногодишна мастер програма по креативно пишување. Ние веќе подолго време работевме на оваа идеја, ја конципиравме програмата, ја развивавме и сега сме подготвени да ги запишеме првите постдипломци. Вакви студиски програми во светот постојат многу долго, скоро еден век.

Креативното пишување прерасна во сериозна академска дисциплина, а студиските програми се витален дел од светот на книжевноста. Тие го подобруваат квалитетот и на книжевноста, но и на севкупната пишана комуникација во едно општество. Придонесуваат за развој и унапредување на културата на писмено изразување воопшто. Сметавме дека е неопходно ваква можност да имаат и младите од нашата земја, а и дека на нашето општество му е неопходна исто така. Универзитетот Американ колеџ Скопје активно работи на овозможување на квалитетни и современи студиски програми со кои се трудиме да ги поттикнеме младите да студираат дома, а и да привлечеме странски студенти.

Универзитетите не смеат да бидат затворени во некој свој академски меур. Туку напротив, треба да се предводници на промените, а во најмала рака да ги антиципираат и да бидат тесно поврзани со пазарот на труд. Веќе некое време и кај нас многу млади работат како креирачи на пишани содржини, на дигитални содржини, копирајтери, притоа доаѓаат од најразлични образовни профили, и работат за домашни и странски компании. Сега, без разлика на додипломските студии, оние кои сакаат, или веќе се занимаваат со ова, ќе можат да ги продлабочат своите познавања, дополнително да ги развијат своите вештини, да се стекнат со високообразовна квалификација, универзитетска мастер диплома по креативно пишување, а со тоа да бидат дополнително поконкурентни и на домашниот, но и на глобалниот пазар на труд.

 

Можете ли да ни кажете повеќе за програмата по Креативно пишување – кои се нејзините цели и какви можности и искуства ќе им понуди на постдипломците?

Трајаноска: Главна цел на мастер-програмата по креативно пишување е создавање на професионалци во креативното пишување со висока култура на изразување и кои ќе создаваат квалитетни пишани содржини. Тоа е едногодишна студиска програма, која се состои од шест предмети, писателска работилница и магистерски труд во форма на авторско портфолио кое кандидатите можат да го изработат или на англиски или на македонски јазик, како и комбинирано.

Наставата се изведува на англиски јазик, освен за одредени изборни предмети кои се на македонски јазик, а студентите можат слободно да изберат од повеќе можности. Преку добро осмислени изборни предмети кандидатите можат да направат избор што соодветстува на нивните интереси, кариерни планови, искуство или претходно образование, како на пример предмети од областа на маркетингот и односите со јавност, психологијата, лингвистиката и книжевноста. Наставата ја изведуваат универзитетски професори со повеќегодишно академско искуство во земјава и странство, афирмирани писатели, преведувачи и експерти од практиката. Воведовме и концепт Writer-in-Residence, афирмиран автор со кој студентите ќе имаат можност редовно да комуницираат и разменуваат искуства преку работилници и средби во текот на студирањето. Оваа академска година тоа е поетот Никола Маџиров.

Програмата овозможува насоки за аплицирање и пристап до повици за писателски резиденции, креативни проекти и објавување на книжевни дела, како и вмрежување и соработка со неколку мастер-програми за креативно пишување на универзитети во САД и други земји.

Photo by @felipepelaquim on Unsplash

Во последниве две години, со забрзаниот развој и популаризацијата на генеративната вештачка интелигенција, се наметна и прашањето околу тоа дали и на кој начин технологиите базирани на АИ можат и треба да се користат во образованието. Дали вие, како универзитетска професорка, или пак можеби вашата установа, ги охрабрувате студентите да користат алатки за АИ во процесот на работа, изработка на проекти, пишување трудови? Сте забележале ли ваши студенти да користат АИ во нивните трудови, и ако да, во која мера и на кој начин?

Трајаноска: Универзитетот Американ колеџ Скопје во мај оваа година донесе своја политика за користење на вештачката интелигенција во образовниот процес. Сметам дека ова е многу важно и неопходно е користењето на вештачката интелигенција во образованието да биде уредено.

Вештачката интелигенција е реалност. Таа не треба да нè плаши, туку треба да се открива и разбере, да се следи нејзиниот развој и соодветно, пред сè етички, да се применува. Таа може да биде многу корисна алатка. Начините на кои може корисно и етички да се употребува во образованието допрва ќе се дооткриваат. Сè, секоја алатка, може да се злоупотреби, и се злоупотребува, но тоа не треба да не прави затворени кон новините кои доаѓаат. На нашиот Универзитет користењето на вештачката интелигенција за создавање текстови и истражувања од различен вид и нивно претставување како свои е забрането, се санкционира и се смета за вид плагијаторство. И тоа така и треба да биде.

 

Прострујува и прашањето за иднината на некои професии. Дали ја гледате вештачката интелигенција како алатка која може да го помогне и подобри процесот на креативно пишување или можеби како потенцијална закана за креативните професии?

Трајаноска: Воопшто не е ново некои професии да исчезнуваат. На пример, телефонски оператори повеќе не постојат, но постојано се создаваат нови професии. Други професии, пак, континуирано се менуваат, особено со развојот на технологијата. На пример, со појавата и сè поголемата употреба на машинскиот превод, професијата преведувач драстично е променета и тоа во работните обврски, обемот и начинот на работа, но и во неопходните вештини кои еден преведувач треба да ги поседува. Но, таа не исчезна, и не верувам дека некогаш тоа ќе се случи. Она што се очекува од еден преведувач денес, еве ако погледнеме во критериумите за позицијата преведувач во Европскиот Парламент, е, покрај одлично познавање на мајчиниот јазик и уште два јазика на ЕУ, се бараат високо развиени вештини за интеркултурна комуникација, висока писменост во информатичката технологија, користење компјутерски помогнат превод, машински превод, терминолошки бази на податоци, ментална флексибилност итн.

А, се креираат и нови позиции како терминолог, специјалист по јазична технологија, правник-лингвист и други. Она што е неопходно е континуирано учење, прилагодување и разбирање на промените, а не страв од нив. Неопходно е развивање на меки и преносливи вештини, и отвореност кон промени. Јас на вештачката инетлигенција гледам како на потенцијална можност, а не како закана, особено не за креативните професии.

 

Кои етички размислувања треба да се имаат предвид при користењето на вештачка интелигенција во креативното пишување? Дали АИ може навистина да ја копира креативноста и емоционалната длабочина на авторите (луѓето)?

Трајаноска: Етичкото користење на вештачката интелигенција е од суштинско значење. Всушност, етичките принципи се уште позначајни при нејзиното користење, на пример во судството, во процесите на носење одлуки и слично. Вниманието треба да се насочи таму.

Во креативните професии, или во креативното пишување, работите се поедноставни и помалку опасни. Постојат детектори, алатки, кои лесно откриваат дали еден текст или каква и да е содржина, е напишана или создадена од човек или е генерирана од вештачка интелигенција. Едноставно, не можете, не смеете да бидете нечесен при користењето.

Луѓето сакаат да експериментираат и ќе ја користат вештачката интелигенција во своите креативни потфати. Тоа ќе биде интересно некое време. Но, всушност, вештачката интелигенција е производ на човековата креативност, љубопитство и порив за создавање. Човекот секогаш ќе има внатрешна потреба да создава и да твори. Сè може да се копира, повеќе или помалку, поуспешно или помалку успешно, но сите, од некоја причина, секогаш го бараме оригиналот, нели?

 

Во тек е Конкурсот за најдобро необјавено литературно дело. Какви жанрови и содржини ви пристигнуваат и која е целта на овој конкурс?

Трајаноска: Конкурсот за необјавено литературно дело има за цел да поттикне писателски практики што ќе се истакнуваат со јазична и стилска оригиналност и со тематска актуелност. Сакаме да им дадеме поттик и можност на младите, и сите кои пишуваат, да создаваат. Во соработка со издавачката куќа Арс Ламина, избор од најдобрите дела ќе биде објавен, а доделуваме и целосна стипендија за мастер програмата по креативно пишување овозможена од Триглав пензиско друштво АД. Рокот за испраќање на дела е до 23 август и очекуваме најразлични дела, и жанровски, и тематски.

Распишан конкурс за необјавено литературно дело