Фото: Мета.мк

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, информираат од Министерство за здравство.

Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 318.793 граѓани.

„На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 135.574 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 13.976 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.976 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 160.425 дози вакцини, а ревакцинирани се 24.851 граѓани. Со последните бројки 35 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина,“ се вели во соопштението.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.

Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортсите сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.