Инклузивното образование зависи од подготвеноста на заедницата да ги почитува човековите права

Фото: Adam Winger, Unsplash

Обуки на наставниците со практична и теоретска настава за работа со деца со попреченост, поголема вклученост на дефектолозите и другите стручни лица како образовни асистенти, задолжителна едукација на факултетите за идни наставници и професори, но и воведување на асистивна технологија се дел од препораките на наставниците за подобрување на инклузивното образование на денешниот онлајн научен собир на тема „Воспитувањето и образованието на децата со посебни потреби – можности, програми и перспективи“ кој го организираше Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност од Скопје.

„Мојата цел како одделениски наставник е сите деца да постигнат што поголеми резултати. Она што е клучно како потреба и перспектива во образованието за децата со попреченост е да се изврши обука на наставниците. Но и да има поголема вклученост на дефектолозите и другите стручни лица како образовни асистенти. Задолжителна едукација на факултетите за идни наставници и професори, но и воведување на асистивна технологија и помагала и воедно правилна распределба на учениците во паралелките. Исто така и децата да се вклучуваат во воннаставни активности со што ќе им се даде можност да покажат што умеат и можат“ изјави одделенскииот наставник, Јадранка Клисарова.

Она што таа го истакна како предизвик во образованието е што иако овие деца треба да се вклучени во редовното образование, многумина од нив се оставени сами на наставникот или пак, родителите се принудени приватно да обезбедат и платат асистент, што според нашите стандарди е тешко изводливо за секое семејство.

На ова се надоврза и наставничката Снежана Алексиќ Станојловиќ која зборуваше за ситуацијата со инклузивното образование во Србија и истакна дека и таму е тежок процесот на обезбедување образовен асистент за ученик со попреченост, нагласувајќи дека личен образовен асистент не може да биде било кој. Најчесто тоа се или студенти од завршна година на студии по дефектологија, псхилогија, педагогија или невработени лица од овие струки.

„Во Србија тешко се доаѓа до образовен асистент бидејќи треба да се поминат големи административни пречки. Родителот во соработка со училиштето пишува барање до Центарот за социјални работи, а потоа Центарот заедно со интерна комисија и училишниот менаџмент мора да се согласат за одобрување на тој асистент кој ќе биде присутен и во училиштето и во домашни услови. Целиот процес е многу макотрпен и се чека и до две години, што се одразува на развојот на детето во тој период“ децидна е Алексиќ Станојловиќ.

Експертот и доктор во дефектологија од Босна и Херцеговина, Саша Делиќ верува дека ситуацијата е скоро слична во сите поранешни југословенски држави кога станува збор за образованието на децата со попреченост. Тој посочи дека под притисок на европската заедница во БиХ е донесена стратегија за 2011-2015 година во која биле вклучени 12 приоритетни области кои се важни за изедначување на можностите на лицата со инвалидитет, вклучително и децата со пречки во развојот.

„Секојдневнието на децата со попреченост во БиХ, но верувам и во другите околни држави се исполнети со многу архитектонски, информационо-комуникациски и социјално-економски бариери. Затоа и понатаму одлуките кои се однесуваат на образованието и на вработување, па и на самостојно живеење не се сопствен избор на овие лица, туку зависат од тоа колку заедницата e подготвена да ги почитува нивните човекови права и слободи“ вели Делиќ.

Како што додаде тој за жал, не се задоволени сите критериуми од стратегијата, а особено треба да се работи на подигнување на нивото на знаењата на професорите и сите што се вклучени во процесот на инклузија. Освен оваа стратегија, подоцна е донесена уште една за периодот од 2016 до 2021 година во која, исто така се поставени специфични услови.

Говорниците на собирот беа согласни дека големо влијание имаат и предрасудите и стигматизацијата од страна и на родителите и на соучениците во образовниот процес кон децата со попреченост, за што заедницата и институциите треба активно да работат, со цел да ја зголемат нивната информираност и притоа да развијат емпатија и прифаќање на децата со пречки во развојот.

Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност од Скопје на 18 јануари ќе организира уште еден онлајн научен собир и тоа на тема „Улогата и значењето на списанијата, прирачниците и другите визуелни, аудио и видео изданија и материјали во воспитно-образовниот процес“.