Од први септември 124 основни и средни училишта можат да почнат со настава во една смена. Со некои училишта сѐ уште се разговара на оваа тема, а некои веќе самостојно одлучиле од септември да започнат од септемви со едносменска настава, најавија од Министерството за образование и наука (МОН).
„Во тек е анализата што ја прави МОН, а ни помага и Светска банка, што точно ќе покаже кои училишта имаат можност да работат само во една смена. Според првичните сознанија, уште 50 училишта, со доградба на една до пет училници, би можеле да работат само во една смена“, изјави министерката Весна Јаневска.
Таа кажа дека овозможувањето едносменска настава е приоритет на МОН и во следните неколку години ќе се вршат прилагодувања на сите училишта. Со тоа ќе се промени и начинот на учење и ангажирањето на наставниците, а за учениците, според неа, тоа ќе значело подолг престој во училиште исполнет со различни дополнителни наставни и воннаставни активности, кои во светот се покажале корисни во образовниот процес.