Индустриското производство со пораст од 7,9 отсто во првите четири месеци во однос на лани

Индустриското производство во првите четири месеци од годинава е со пораст од 7,9 проценти во споредба со истиот период од 2018 година, објави Државниот завод за статистика. Во април, порастот е 5,5 проценти во однос на истиот месец лани.

Индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во април годинава во однос на истиот месец лани бележи пораст од 3,5 проценти, во Преработувачка индустрија пораст од 4,5, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 18,6 отсто.

Според главните индустриски групи, производството во април во споредба со минатогодишниот април бележи пораст кај енергија за 20,6 отсто, интермедијарни производи, освен енергија за 3,7, капитални производи за 2,4, трајни производи за широка потрошувачка за 0,4 и нетрајни производи за широка потрошувачка за 5,6 отсто.