За 14 отсто домаќинствата ја намалиле вкупната потрошувачка на електрична енергија во јануари, покажуваат податоците од Електродистрибуција со кои располага Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ).
Според информациите, вкупната потрошувачка на домаќинствата минатиот месец изнесувала над 349 гигаватчасови, додека истиот месец минатата година била потрошена поголема количина на струја – 408 гигаватчасови.
Претседателот на РКЕВУ, Марко Бислимоски, вели дека откако од јануари на сила стапи новата цена на електрична енергија која е за 99,2 отсто од домаќинствата е пониска, продолжува трендот на рационално користење на струја.
„Секој месец ги анализираме податоците и ги мериме ефектите од блок тарифите. Во прилог се и временските услови, но факт е дека домаќинствата рационално ја користат електричната енергија, па така во јануари потрошувачката на домаќинствата е намалена за 14 проценти, споредбено со истиот период минатата година“, изјави Бислимоски.
Од први јануари Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука цената на елетричната енергија да се намали за 20,15 отсто, за над 70.000 мали фирми кои се на регулираниот пазар, додека цената за домаќинствата за првиот блок се намали за 4,11 проценти.