И Заев се најде во лажна реклама за лек за хипертензија

Објавата која го злоупотребува името на поранешниот премиер, води до лажна страница од Министерството за здравство и нуди попуст за  наводен лек за хипертензија кој „лечи за три дена“

Фото: Принтскрин ФБ пост

Објавата која го злоупотребува името на поранешниот премиер, води до лажна страница од Министерството за здравство и нуди попуст за  наводен лек за хипертензија кој „лечи за три дена“. Всушност, се работи за чај, за кој во рекламата само пишува дека е мешавина од билки, и толку. Не се посочува конкретно какви растенија, или екстракти има во неговиот состав. Ова е уште една во низата сомнителни реклами на социјалните мрежи кои имаат за цел да ги наведат граѓаните да купат лажен производ, но и да ги извлечат нивните лични податоци, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално:

 

Рецензираме објава/ реклама на социјалната мрежа Фејсбук која нуди лек за хипертензија наречен HydroMax, со попуст од 90 отсто и притоа го злоупотребува името на поранешниот премиер Зоран Заев, кој наводно изјавил:

ДЕНЕСКА ВО МАКЕДОНИЈА ПРИСТИГНА ПОМОШ ОД ЦРВЕНИОТ КРСТ ЗА ЛУЃЕ СО ХИПЕРТЕНЗИЈА! СЕКОЈ МОЖЕ ДА ДОБИЕ ЛЕК КОЈ ЌЕ ГО ИЗЛЕЧИ ЗА ТРИ ДЕНА! ПОБАРУВАЧКАТА Е ОГРОМНА…

Но, ова е измислица, ваква изјава на Заев нема пренесено ниту еден медиум. А, не може да се најде ниту информација за тоа дека пристигнала некаква медицинска помош од Црвен крст за луѓе со хипертензија.

На самата објава има линк којшто води до текст, наводно подготвен од водечките кардиолози на Македонија, но без да се наведе кои се тие кардиолози. Оваа информација нема никаква врска со Министерството за здравство на С. Македонија, ниту со официјалната програма за помош на населението. Вистинската страница на Министерството е https://zdravstvo.gov.mk/ , и секогаш завршува на „domain → gov.mk”, додека рекламата води до страница со целосно различна и сомнителна интернет адреса:  https://fr3.joinoslowcarpet.org/6FWcJwCW?fbclid=IwZXh0bgNhZW0CMTEAAR0X9KQzy_ygFBzAwiLuAIAtGMBP1X-OqHtdKQ3WuXVaxjm_cVPBZ29Jtqc_aem_JK5qiX1mm-iSYU1mUM97Qg

Линкот води до анкета со следните прашања:

  1. Дали досега сте добиле бесплатна помош од Министерството за здравство на Македонија?
  2. Дали имате алергија на храна, лекови, полен или отров од инсекти?
  3. Што од наведеното ве загрижува најмногу?
  4. Дали сте чувствителни на промени во временските услови?
  5. Колку долго имате проблеми со крвниот притисок?
  6. Колку години имате?

По пополнувањето на анкетата, корисниците добиваат одговор дека:

Според резултатите од тестот што го направивте, откриени се сериозни проблеми. Треба да се обрати внимание на ризикот од заболувања: срцева недостаточност, аритмии, тромбоза и хипертензивна криза

Меѓутоа зачудува експресното добивање „резултати и дијагнози“ за сериозни здравствени проблеми, како „срцева слабост, аритмии,тромбоза…“, до кои не би можело да се дојде за само неколку минути преку кратка анкета од неколку прашања и без присуство на доктор.

На крај од анкетата корисниците се наведуваат да внесат лични податоци како името и телефонски број, за да го купат чајот „Хидромакс“, кој наводно чинел 12.000 денари, ама со попуст од 90 отсто, ќе го добијат за 1.200 денари. Значи „лекот кој лечи за три дена“, всушност е чај, А, на рекламата пишува само дека тој е мешавина од билки, и толку. Не се посочува конкретно какви растенија, или екстракти има во неговиот состав. Исто така, нема наведено никакви релевантни докази, официјални истражувања од здравствената и научната заедница, мислења од еминентни доктори кои би ја потврдиле ефикасноста на овој чудотворен чај, кој експресно лекува срцева слабост, аритмии,тромбоза, висок крвен притисок…

На страницата има и лажни сведоштва – коментари кои тврдат дека производот е ефикасен и дека многу луѓе веќе го користат. Но, се забележува дека за различни личности (Амина и Арамила) има ставено исти фотографии. Овие коментари имаат за цел да ги наведат корисниците да поверуваат и да го порачаат волшебниот чај.

Дополнително на фотографиите е прикажана млада девојка, додека за посочените Амина и Прамила пишува дека имаат 74/75 години, што е уште еден сигнал да се вклучи алармот дека е во прашање измама. Фактички самата објава е измамничка, освен што ги изложува корисниците на финансиски трошоци (чајот чини 1.200 денари), има за цел да ги злоупотреби и нивните личните податоци, поради што ја оценуваме како невистинита.

Граѓаните мора да внимаваат каде оставаат свои податоци, особено кога станува збор за вакви сомнителни страници и објави. Вистиномер многупати досега  пишуваше за манипулативни објави на социјалните мрежи, каде често се појавуваат лажни реклами за одредени препарати и притоа се злоупотребуваат имињата на познати доктори, професори, политичари и други јавни личности.