И Австрија воведува контрола на границите

Австрија ќе воведе привремени гранични контроли, соопшти денеска австриската министерка за внатрешни работи, Јоана Микл-Лајтнер.

Таа истакна дека Виена, исто како и Германија, поради актуелната бегалска криза, ќе воведе „привремени гранични контроли“.

Микл-Лајтнер, која престојува во Брисел, објасни дека за тоа веќе е информирана и Европската комисија.
– Ние ќе дејствуваме како Германија – рече таа.

Австриската министерка рече дека граничните контроли ќе почнат на премините со Унгарија.

– Станува збор за тоа во следните неколку дена најпрво тука да воведат контроли – прецизираше Микл-Лајтнер, додавајќи дека Австрија го задржува правото да одлучи на кои премини ќе воведе контроли.