Photo by RF._.studio from Pexels
Фото: RF._.studio на Pexels

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, но и во светот.

Сервисот на ЕУ за проверка на информациите од Источната наменска група на ЕУ euvsdisinfo.eu ја расчлени практиката на некои руски веб-сајтови, а особено еден, познат како „гласноговорник“ на официјална Москва, да изнесуваат невистини во врска со користењето хемиско оружје во Сирија.

Изнесувањето невистини за користењето хемиско оружје од страна на бунтовничките сили во Сирија е редовна практика на „South Front“, пишува euvsdisinfo.eu, потсетувајќи на најновиот таков случај, од 14 октомври годинава, кога сајтот го пренел соопштението на руската армија:

Руските воени претставници во Сирија предупредија дека исламските милитанти во Идлиб доставиле неколку буриња со хлор на „Белите шлемови“ и изгледа се подготвуваат за нова провокација „подметнато знаме“.

„Белите шлемови“ е популарно име за „Сириска цивилна заштита“, организација што Сирија, Русија и Иран ја сметаат за терористичка, а која во регионите што не се под контрола на сириските државни сили пружа помош на цивилното население и спасува заробеници и извлекува преживени при бомбашки напади. Терминот „подметнато знаме“ се однесува на некоја воена операција што се изведува со перфидна намера јавноста да помисли дека всушност била извршена од противникот на онаа страна што ја врши операцијата или нападот.

Инаку, идентично како во погорниот случај „South Front“ постапил и во февруари годинава, и во јануари 2019, секој пат пренесувајќи „информации“ за подготовки за напад со хемиско оружје или за извршен напад.

Но, меѓународните набљудувачи документираа чести хемиски напади од силите на сирискиот режим, кој е поддржуван од Кремљ, пишува euvsdisinfo.eu. Германската невладина организација GPPi има собрано податоци за 349 потврдени инциденти со користење различни типови хемиско оружје, и во речиси сите од нив, силите на сирискиот режим може да се поврзат со нападите.

„Инаку самиот термин „подметнато знаме“ (False Flag) се среќава многупати на сајтот „South Front“, – во врска со Украинците, Израелците, Американците, сириските опозициски сили, „злобните везири“ во кабинетот на Трамп и со британската влада.

„South Front“ го опиша рускиот напад на MH17 како „подметнато знаме“, исто како и во случајот на труењето на Скрипалови од страна на ГРУ и нападот на Светскиот трговски центар во Њујорк во 2001 година“, нагласува еuvsdisinfo.eu.

Кога во април 2018 година беа извршени хемиски напади во Дума, Сирија, на „South Front“ му требаа само неколку дена за да утврди дека тоа е темелно испланиран напад за да биде припишан на другата страна.

Прво, кога на 7 април 2018 беше извршен нападот „South Front“ ја оспоруваше информацијата, а по два дена напиша дека не биле пронајдени траги на хемиски супстанци. И иако „немало траги“, на 12 април ги идентификуваше Белите шлемови како извршители на нападот. Потоа, на 16 април, триумфалистички го прогласи британското разузнавање за виновник. За сето тоа време додека ги објавуваше тие работи, меѓународниот тим истражители едвај беа започнале со увидот на местото на нападот, потсетува Сервисот на ЕУ за проверка на информациите од Источната наменска група на ЕУ, euvsdisinfo.eu.

Тимот на Организацијата за забрана на хемиските оружја (ОПЦВ) сепак утврди дека во Дума е извршен воздушен напад со хемиско оружје, а „South Front“ се обиде да подметне „знаме“ на различни фактори и да ја дискредитира истрагата на ОПЦВ. Така, според сајтот, во заговорот се вмешани и милитанти и медиуми, и ОПЦВ и Британците и САД, пишува euvsdisinfo.eu.