Хелсиншки комитет бара МВР и ОЈО да ги казнат функционерите што повикуваа на линч

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија денеска остро реагираше на говорот на омраза што синоќа беше забележан на протестот пред Државната изборна комисија, одржан додека комисија ги разгледуваше и расправаше по приговорите поднесени од страна на политичките партии за предвремените парламентарни избори.

Во соопштението се наведува дека од присутните на протестот можело да се слушнат скандирања со кои се повикува на омраза, раздор и на нетрпеливост како, „Ќосето е жив“. Од Хелсиншки наведуваат дека во говорите се забележат елементи на кривичните дела предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга дискриминаторска основа и загрозување на сигурноста кон повеќе лица, казниви според Кривичниот законик.

„Согласно чл. 144, став 3 од Кривичниот законик на Република Македонија, тој што ќе ја загрози сигурноста спрема повеќе лица со сериозна закана дека ќе нападне врз нивните животи или тела или животите или телата на ним блиски лица, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци. Воедно, според член 319 од Кривичниот законик, се предвидува казна затвор од една до пет години за тој што со принуда, малтретирање, загрозување на сигурноста, изложување на подбив на националните, етничните или верските симболи или на друг начин, ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост“, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.

Од комитетот наведуваат дека јавниот повик за линч извршен преку социјалните мрежи претставува кривично дело – ширење раситички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, предвидено во чл. 394-г од Кривичниот законик на Република Македонија, дело за кое е предвидена казна затвор од една до пет години.

Хелсиншкиот комитет апелира до надлежните државни институции, вклучувајќи ги Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, да преземат итни и неодложни мерки за гонење за говор на омраза, бидејќи неказнивоста на ширењето и промовирањето говор на омраза во јавниот простор претставува толеранција и оправдување на говорот на омраза.