Груевски: Сто дена на лаги, неспособност, партизација и кадровски дебакл на СДСМ

„Поминаа речиси 100 дена на лаги, неспособност и на понижување, партизација, кадровски дебакл, незаконско работење и на уривање на институциите. Сто дена неработење и укинување проекти, економско тонење, задолжување, непромислени и површни потези, ова е тоа што го трпеа Македонија и граѓаните на Македонија изминатите 100 дена, ова е тоа што денеска Зоран Заев на својата прес-конференција полна со полувистини и со голи фрази свесно го премолче“. Ова го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на прес-конференција по отчетот на Владата предводена од лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Груевски рече дека Владата дошла на власт со помош на лаги, манипулации и на интриги и дека така управува со државата.

– Ние не очекуваме повеќе од нив, но тие што очекуваа видоа каков експеримент ѝ се случува на нашата држава. Сега граѓаните можат добро да споредат како изгледа кога СДСМ е на власт – рече Груевски, додавајќи дека кошмарот може да прекине на 15 октомври.

Тој рече дека е загрижен за тоа што ѝ се случува на економијата, велејќи дека политиките на СДСМ ќе имаат силен удар врз неа, што нема да може да се надмине ниту за неколку мандати откако ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на власт.

– Ниту една странска инвестиција не е реализирана, а веќе има најави, според медиумите, за повлекување на странски инвеститори. Иако им оставивме 60 инвеститори кои беа пред одлука за инвестирање, тие воопшто не се контактирани – рече Груевски, додавајќи дека така не се отвораат нови работни места.

Груевски се осврна и на надворешната политика на новата влада, велејќи дека таа води кон понижување, попуштање и кон уривање на достоинството на Македонија. Тој оцени дека штетите од Договорот со Бугарија ќе се почувствуваат за една до две години и дека со него се отвора пат за нови блокади при процесот на евроатлантските интеграции.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека само со масовно гласање на 15 октомври „може да се стави крај на цунамито што го предизвикала новата Влада и да се отвори пат за одржување нови предвремени парламентарни избори“.

Сепак, Груевски не даде прецизен одговор на новинарското прашање дали ќе го прифати барањето на дел од членовите за реформи во партијата и за смена на лидерот.

– Тоа се внатрепартиски работи, за кои ќе одлучуваме во партијата – рече Груевски.