Груевски: Меѓународната заедница да го следи процесот за случајот со фалсификувњето

Премиерот Никола Груевски денеска изјави дека тоа што го слушнал за фалсификувањето на личните карти било фрапантно и упати апел до меѓународната заедница одблиску да го следи случајот.

– Засега само би им честитал на професионалците во јавното обвинителство и во Министерството за внатрешни работи за тоа што успеале да го постигнат и би апелирал до меѓународната заедница одблиску и длабински да го следи процесот – изјави Груевски.

Целосно расчистување на случајот и надозор од меѓународната заедница побараа и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде вчера преку соопштение посочија дека виновниците за фалсификувањето мораат да одговараат.

„ВМРО-ДПМНЕ ја повикува меѓународната заедница активно и одблиску да го следи овој случај, придонесувајќи со заложбите за владеење на правото и еднаквост на сите пред законот, принцип кој мора да важи за сите инволвирани во случајот. Расчистувањето на овој случај е од највисок интерес за државата и сите треба одговорно и согласно Уставот и законите на оваа земја да придонесеме за тоа“, се вели во соопштението од владејачката партија.

Од СДСМ денеска изјавија дека очекуваат од Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и од судските органи целосно да го истражат случајот со фалсификуваните лични карти и јавноста да ги добие сите одговори.

„Само професионална и целосно законска постапка може да даде одговори на прашањата кој, зошто, со каква намера и за какви потреби фалсификувал лични карти“, велат од СДСМ.