Грантови до 10.000 долари за подобрување на енергетската ефикасност на куќи во Лисиче

Загадувањето на воздухот во Скопје, 31.10.2019 г. | Фото: Арбнора Мемети

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), објави повик за избор на домаќинства во скопската населба Лисиче, коишто ќе бидат поддржани со грант во висина до 10.000 американски долари, во денарска противвредност, со цел да преземат мерки за зголемување на енергетска ефикасност на своите домови и на таков начин да се придонесе кон намалување на загадувањето на воздухот.

Мерките за енергетска ефикасност се финансирани од Владата на Шведска во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“.

Можност да се јават на повикот имаат сите физички лица со постојано место на живеење во точно дефинираниот дел од населбата, кои поседуваат индивидуален објект за домување – куќа или дел од куќа, за кој постои доказ дека е во сопственост на барателот на грантот ( подарок). Поддршката обезбедена преку проектот ќе биде во вид на материјали и опрема, а не во пари.

Проектот поддржува спроведување на енергетско-ефикасни мерки во најмалку 100 домаќинства.

За начинот на конкурирање и сите услови за подарокот може да прочитате тука.